Posted on

Успешно заврши седумнаесеттото издание на „Лидер Проектот“ на Македонија2025 – врвна бизнис обука за млади лидери и претприемачи

Скопје, 30 април 2025 – Со финални презентации на иновативни бизнис-идеи и нетворкинг настан со алумни-заедницата, успешно заврши седумнаесеттото издание на „Лидер Проектот“ – врвна бизнис обука организирана од Македонија2025, наменета за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од целата земја. Програмата се реализираше во соработка со реномираната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада и се темели на најдобрите глобални практики во деловното управување, адаптирани на локалниот контекст и предизвици.

Во текот на две недели, учесниците интензивно работеа на теми од стратегија, финансиско управување, маркетинг, развој на производ, човечки ресурси и лидерство, преку анализа на реални деловни студии на случај, симулации и практични задачи. Обуката вклучи и индивидуална менторска поддршка од искусни канадски предавачи.

Круна на програмата беше натпреварот за најдобра бизнис-идеја, на кој учесниците ги претставија своите концепти пред жири составено од етаблирани македонски бизнис-лидери. Жирито ги оценуваше идеите според иновативност, одржливост и пазарен потенцијал, а самите презентации претставуваа одлична можност за примена на стекнатите знаења во реален контекст.

По завршувањето на официјалниот дел, се одржа и нетворкинг настан со членови на алумни-заедницата на „Лидер Проектот“, што овозможи поврзување, размена на искуства и иницирање на нови соработки меѓу младите професионалци.

Преку оваа врвна бизнис обука, Македонија2025 останува посветена на градењето на нови генерации млади лидери и претприемачи, подготвени да придонесат за економскиот развој и иновативноста на Македонија.

Posted on

Започна седумнаесеттото издание на ЛИДЕР Проектот на Македонија2025: Врвна обука за идни лидери во бизнисот и претприемништвото

Скопје, 22 април 2025 – Денес официјално започна седумнаесеттото издание на ЛИДЕР Проектот, едукативна програма за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од Македонија. Обуката се реализира во организација на Македонија2025, во соработка со престижната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада.

Млади професионалци од цела Македонија ќе имаат можност да учествуваат во оваа интензивна двонеделна обука, креирана според МБА програмите на „Ајви“, и прилагодена да одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средни претпријатија, но и идните менаџери во корпоративниот сектор.

Програмата вклучува теми од областа на стратегија, маркетинг, финансии, управување со човечки ресурси, развој на производ, подготовка на бизнис план и лидерство. Работата е базирана на студии на случај, симулации и практични вежби, а учесниците ќе добијат и индивидуални менторски сесии од инструкторите од Канада.

„ЛИДЕР Проектот е потврда за нашата силна заложба да изградиме генерација млади лидери кои ќе придонесат за економскиот развој и иновациите во Македонија. Веруваме дека вложувањето во знаење, претприемнички дух и лидерски вештини е основа за посилна и поконкурентна нација,“ изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.

Програмата и оваа година е збогатена со гостински предавања од македонски бизнис-лидери, кои ќе споделат практични искуства и ќе дискутираат за предизвиците и можностите во локалниот и глобалниот бизнис екосистем. На крајот на обуката, учесниците ќе презентираат сопствена бизнис идеја пред комисија составена од претставници на бизнис заедницата.

Македонија2025 е меѓународна, независна, непартиска и непрофитна организација која останува цврсто посветена на својата мисија – да придонесе за создавање просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација“, која ќе ги унапреди можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. Преку поддршка на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и вредносно лидерство, ја промовираме визијата за одржлив економски раст на Македонија.