По успешноста на пилот-проектот за стипендии од 2019/2020 година, Македонија 2025, преку Фондот за поддршка на талентирани средношколци „Таленти денес – лидери утре“, континуирано обезбедува средства да помогне на поголем број талентирани млади од земјата да ги унапредат своите таленти и вештини.
Секоја година, Македонија2025, заедно со своите партнери, доделува стипендии на 10 средношколци во вкупен годишен износ од 60.000 МКД. Oвие стипендии им овозможуваат на десетте средношколци континуиран развој на талентот и вештините преку дополнителни обуки и учество на меѓународни натпревари. Покрај тоа, Македонија2025 им нуди на стипендистите можност за менторирање и пракса во истакнати компании.
Стипендиите се обезбедени преку поддршка на две тела во рамките на организацијата: Клубот на амбасадори и Советодавниот одбор, како и преку донации и соработка со корпоративните и индивидуалните партнери на организацијата Македонија 2025.