Events
На 28 ноември 2025 година, во просториите на ООУ „Александар Македонски“ во Скопје, се одржа вториот целодневен тренинг во рамки на проектот „Науката и Јас“.
Обуката собра 21 наставник по природни науки од основни училишта низ цела Македонија, кои заедно учествуваа во динамична и инспиративна работилница посветена на унапредување на наставата преку современи, интерактивни и истражувачки пристапи. Новина во овогодинешниот проект е што покрај наставници приправници и наставници ментори по предметна настава по природни науки, биологија, хемија и физика вклучивме и наставници ментори по одделенска настава, кои реализираат предмет природни науки од 1-5 одделение.
Настанот започна со воведни обраќања од директорката на училиштето-домаќин Маја Буклеска, претставничката на Македонија2025, Нена Манчев, и м-р Иванка Мијиќ од Бирото за развој на образованието, кои ја истакнаа важноста на континуираниот професионален развој на наставниците како клучна алка за подобрување на квалитетот на образованието и поттикнување љубопитност кај учениците.
Програмата понуди четири едукативни сесии водени од експерти од академската и стручната заедница. Се дискутираше за мотивација и менаџирање на училница, учење преку истражување и експерименти во физика, искуствено учење преку теми од биологија и климатски промени, како и за инвентивност во наставата по хемија и квалитетно планирање на наставни активности. Активностите беа практични, применливи и фокусирани на развој на критичко размислување и активно учество на учениците.
Голема благодарност до:
Во рамки на проектот „Науката и Јас“ следуваат нови активности
а/ пролетта 2026 година ќе се реализираат регионални научни саеми на кои ученици, заедно со нашите обучени наставници, ќе презентираат сопствени научни проекти.
б/ студиска посета на фабриката на Џонсон Мети во Скопје, со цел учениците и наставниците одблиску да се запознаат со научно-технолошките процеси во индустријата.
в/ ќе бидат донирани 20 комплети за настава по природни науки во основни училишта низ државата, како дополнителна мотивација и поддршка кон практична настава.
г/ воведувањето на структурирана менторска соработка помеѓу наставниците. Целта е да се создаде простор за долгорочно споделување на знаења, искуства и поддршка во наставната практика – преку воспоставување мрежа на професионални односи меѓу поискусни и помлади колеги.
Проектот “Науката и Јас„ продолжува да ја зајакнува улогата на наставниците како носители на промени и инспирација за новите генерации млади научници.





Related Events