„Моќта на јавниот настап и јазикот на телото“ – работилница за развој на вештини на АБФ стипендистите

Events

На 15 април 2025 година, во просториите на Млади Хаб, Скопје, се одржа практична и инспиративна работилница на тема „Моќта на јавниот настап и јазикот на телото“, организирана за стипендистите на програмата „Атанас Близнакоф“ на Македонија2025.

Интерактивната сесија беше водена од Анастасија Илиевска – новинарка, уредничка и сертифициран обучувач за комуникациски вештини, која преку практични примери и директна вклученост на учесниците ја доближи темата до секој присутен. На настанот учествуваа 20 млади стипендисти кои активно се вклучија во сесијата. 

Целта на работилницата беше да ги охрабри младите да зборуваат самоуверено, автентично и со јасна порака. Преку воведувањето на формулата 3А – Автентичност, Ажурност и Акција, учесниците се запознаа со темелите на ефективната комуникација. Особено внимание беше посветено и на невербалната комуникација – тоналитетот, држењето на телото, микромимиката, гестовите, позиционирањето на нозете и изборот на облека – како елементи кои силно влијаат врз перцепцијата на говорникот.

Работилницата целосно ја исполни својата мисија – да ги опреми младите лидери со применливи комуникациски алатки кои ќе им помогнат да се истакнат во академскиот, професионалниот и личниот развој. За сите кои не беа во можност да присуствуваат, сесијата беше целосно документирана и наскоро ќе биде достапна на социјалните медиуми на Македонија2025.

Овој настан претставува почеток на еден важен чекор во рамки на континуираната заложба на програмата „Атанас Близнакоф“ да инвестира во младите – со цел да ги подготви да ги застапуваат своите идеи, знаења и вредности – гласно, јасно и самоуверено.

Искрена благодарност до Млади Хаб за обезбедувањето на простор и за нивната помош во одржување на оваа работилница.

Gallery