Матрицата за мерење на економски напредок беше претставена на Самитот во 2015 со цел да се дефинираат „аспирациски и достижни“ цели за Македонија до 2025година. Матрицата исто така е алатка за следење на напредокот кон зададените цели. Со други зборови, нуди одговори на прашањата: што подразбира фразата „посилна земја“ и дали Македонија станува „посилна земја“? Таа исто така има за цел да создаде поголема одговорност пред јавноста од страна на луѓето на клучни позиции што донесуваат одлуки. Таблата служи и како алатка преку која Македонија2025 ги лоцира можностите каде може да се помогне во зајакнувањето на нашата земја.

Мерните индикатори и земјите кои се дел од оваа анализа Македонија2025 ги избра во консултации со разновидна група експерти од Одборите за економски развој на Сингапур и Турција, McKinsey & Company и во консултации со поранешниот Премиер на Грузија, Ника Гилаури.

Матрицата за мерење на економски напредок се состои од 14 економски, финансиски и социјални индикатори, а за секое од нив постои пропишана цел (види табела подолу). Индикаторите се поделени во две категории – оние што го мерат економскиот развој и оние што ги мерат факторите кои помагаат во создавањето на економски развој (поттикнувачи на економски развој). Во целина, овие индикатори нудат холистички поглед во развојот на Македонија, во споредба со некои повеќе традиционални економски мерила. Целите на секое од мерилата индикатори се дефинирани во релација со 33 други земји кои се во приближно ист стадиум на економски развој со Македонија.

Авторот е Брендан Филиповски, Менаџер за истражување, MK2025