News
Скопје (19.02.2024)
Во изминатата недела Македонија2025, во рамки на проектот “Науката и Јас„, донираше сетови за наука на 20 основни училиштa низ државата.
Сетот за наука се доделува како инструмент – наставно помагало за поддршка и унапредување на образовниот развој во нашата земја, со цел обезбедување и подобрување на условите за одржување на наставата по природни науки во 6-то одделение. Овие сетови се доделија на оние училишта чии што наставник по природни науки беше учесник/учесничка на „Науката и Јас“ дводневната Тренинг работилница за ефективна настава по природни науки за наставници по природни науки во Македонија, одржана на 16-17 јануари 2024 година во Скопје.
Целокупната иницијатива има за цел да обезбеди долгорочна и континуирана корист од сетот за наука во училишната средина, осигурајќи го неговото значење за наставниците и учениците. Со опремување на нашите училишта со најновите научни алатки и ресурси, отвораме свет на откритија и иновации за следната генерација. Нашата цел е да ги инспирираме младите умови, да ја поттикнеме љубопитноста и да ги поддржиме наставниците во обезбедувањето влијателно научно образование. Сметаме дека континуираната примена на сетот за наука може да го зголеми нивното интересирање, мотивација и разбирање на наставните содржини, што на крајот ги подготвува за успешно справување со предизвиците во својата идна научна и академска кариера.
Претставници на Македонија2025 посетија три од училиштата корисници, меѓу кои: ООУ “Невена Георгиева – Дуња„ во Кисела Вода од Скопје, ООУ “Алија Авдовиќ„ од с. Батинци (Скопско) и ООУ “Блаже Конески„ од Велес и свечено им ги предадоа Сетовите за наука. Во секое од училиштата се остварија средби со наставниците и директорите на која се разговараше околу можностите за понатамошна соработка и организација на предстојните Саеми за наука. Во рамките на овие регионални саеми за наука наставниците – учесници на обуката имаат обврска да прикажат индивидуални научни проекти спроведени и претставени од нивни ученици од 6 одделение.
Ова е еден мал, но значаен чекор во поддршка на образованието и развојот на младите умови во нашата заедница.
Во оваа прилика би сакале да изразиме благодараност на две општествено одговорни компании: Арс Ламина (Литература.мк) и Тримакс, кои се приклучија кон иницијативава и го збогатија сетот за наука со своите производи.
Македонија2025 го имплементира овој проект во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“.
Related News