Анка Трајковска Петкоска – промотивна кампања „НАУКА ЗА ИДНИНАТА“

News

Ајде да инспирираме повеќе ученици да ја засакаат НАУКАТА!

Со особено задоволство следна во серијалот мотивациски приказни ви ја претставуваме инспиративната животна сторија на Проф. д-р Анка Трајковска Петкоска, редовен професор на Техничко-технолошки факултет во Велес при Универзитет “Св. Климент Охридски„ Битола.

Ова е поглед во нејзината филозофија и страст за науката, обележена со посветеност кон истражување, непрестано учење и инспирација од храбрите научници: „Мојата приказна ќе ја започнам со зборовите на познатата добитничка на Нобелова награда – Марија Кири: ,,Ништо во животот не треба да не плаши, едноставно треба да се разбере. Сега е време да осознаеме повеќе, за да се плашиме помалку.“ (Nothing in life is to be feared, it is only to be understood. Now is the time to understand more, so that we may fear less.)

Отсекогаш се воодушевував на храбрите научници кои ги поместуваа границите на познатото и превземаа ризици, пред се поради нивната пасија кон работата/истражувањата, желбата за успех, и истрајноста да се докажуваат пред останатите особено пред оние кои не верувале во нивниот успех (понекогаш тврдоглаво, но гордо). Посебен белег и инспирација ми биле научниците од женскиот род на минатиот век кои навистина имале многу потежок пат до успехот споредено со научниците денес.

Во мојот живот имав среќа да учам од извонредни учители, професори и ментори, посетив најразлични академски установи и лаборатории во многу земји; се дружев со академски граѓани од помлади генерации до повозрасни истражувачи, дури и Нобеловци – од сите нив научив многу, и денес знам каква сакам да бидам. Сакам секојдневно да учам и читам за напредокот во науката, посебно во областа на новите материјали, нивните модификации и подобрувања, инженерство кое како мултидисциплинарен пристап вклучува предзнаења од хемија, физика, математика. Тоа им го препорачувам и на младите генерации – учете нови предмети секојдневно, пронајдете спој/решение на наученото и новите потреби во општеството, читајте многу, определете ја Вашата желба или Вашиот иден повик, и фокусирајте се кон него. Опкружете се со луѓе кои се подобри од Вас, кои споделуваат визии и идеи, и така ќе се чувствувате како вечен ученик кој учи и истражува. Јас сеуште го преферирам овој начин на работа и соработка, да се дружам и учам од подобрите од мене, бидејќи ние старееме не поради годините кои ги имаме, туку затоа што престануваме да учиме.

За крај би препорачала: “Единствен начин да направите значајна работа е да го сакате она што го работите” (The only way to do the great work is to love what you do – S. Jobs). Неодамна, ја добив титулата за Најдобар Научник на мојот Универзитет – ова ми е поттик да продолжам да го работам тоа што го сакам и да бидам самата подобра верзија од мојата вчерашна. (повеќе на следниот линк: fakulteti.mk)“

Нашата кампања „Наука за иднината„ има за цел да ги мотивира и поттикне учениците од основното образование кон патот за да станат научници кои се во развој или се двоумат. Личната порака до сите основци со цел да ги мотивираме да изберат кариера/ образование поврзано со наука од проф. Анка Трајковска Петкоска гласи: “Знаењето е најголемото богатство што може да го поседуваме без страв дека ќе бидиме ограбени.

Моќта на знаењето

Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.

Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.
Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика.

Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК

Повеќе за промотивната кампања „НАУКА ЗА ИДНИНАТА

Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!

Кампањата е имплементирана во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“. Повеќе за проектот „Науката и јас