Томе Китановски – Промотивна кампања „НАУКА ЗА ИДНИНАТА“

News

Науката како начин на размислување – приказна на Томе Китановски

Во светот на науката, секое големо откритие започнува со едно едноставно прашање: „Зошто?“. Денес, како дел од нашата кампања „Науката и Јас“, имаме чест да ја споделиме инспиративната приказна на Томе Китановски – наставник по биологија при ООУ „Гоце Делчев“ во Василево и докторанд на Школата за докторски студии на УКИМ. Неговото патување е доказ дека љубопитноста, посветеноста и постојаната жед за знаење се клучните двигатели на успехот во науката.

Томе верува дека науката не е само предмет во училиште, туку начин на размислување и моќна алатка за создавање подобар свет. Еве ја неговата мотивациска порака за сите основци: „Секое големо откритие започнува со едно едноставно ‘Зошто?’. Биди храбар да прашуваш, љубопитен да истражуваш и упорен да создаваш – науката е патот до иднината што ти сам ќе ја обликуваш.“

Томе ја раскажува својата приказна: „Се викам Томе Китановски, којшто желбата за влез низ портите на науката ја имаше уште од најмала возраст, кога како дете кое се истакнуваше со љубопитна природа и истражувачки дух тежнееше да пронајде одговори на своите прашања за светот што не секогаш се гледа со голо око – светот на микроорганизмите, инсектите, животните и воопшто на природата која го опкружуваше.

Првите мои стапалки во светот кој го проучува светот, тоа за мене е науката, беа втиснати со завршување на средното образование – медицинска насока, преку која ги совладав основите на функционирање на човечкото тело. Продолжив по веќе трасираниот пат, и станав дипломиран професор по биологија – професија со која можев и сакав да инспирирам млади умови да ја засакаат науката, исто како што ја засакав и јас.

Но, тука не застанав! Сфаќајќи колку е важно науката да се поврзе со секојдневниот живот и технологијата, продолжив со мастер студии по Дизајн и менаџмент на технолошки процеси, а денес сум докторанд по Технологија на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Науката е свет на истражувањето, критичкото размислување и иновациите. Во тој свет научив дека со труд, љубопитност и истрајност – сè е возможно. Ве охрабрувам и Вас, драги ученици, да ја следите Вашата љубов кон науката. Таа не е само предмет во училиште – таа е моќна алатка што го менува светот. Светот има потреба од млади научници како Вас кои ќе поставуваат нови стандарди!“

Продолжуваме да ја градиме иднината на науката заедно – со инспиративни приказни, експерименти и идеи што го менуваат светот, чекор по чекор.

———————-

Моќта на знаењето

Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.

Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.

Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика.  Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК  

Повеќе за промотивната кампања „НАУКА ЗА ИДНИНАТА“

Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!

Кампањата е имплементирана во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“. 

Повеќе за проектот во Македонија „Науката и јас“  и за самата глобална иницијатива на Џонсон Мети тука