Наталија Тасевска – Првенец на генерација и гордост на програмата “Таленти денес – лидери утре„

News

Со големо задоволство ја споделуваме извонредната вест дека нашата стипендистка Наталија Тасевска, дел од стипендиската програма за талентирани средношколци “Таленти денес – лидери утре„ на Македонија2025, е избрана за првенец на генерација во своето училиште ОСУ “Ацо Русковски„ во Берово.

Ова признание доаѓа како резултат на нејзината огромна посветеност, труд и страст кон знаењето, креативноста и лидерството. Наталија приложила над 40 дипломи и сертификати, а нејзините професори изјавиле дека „едноставно не можеле да ги избројат сите бодови што ги има“, достигнувајќи над 220 бодови – најмногу досега забележани за ученик на генерација во училиштето.

Ова признание ми значи многу – претставува круна на мојата посветеност, труд и љубов кон учењето и личниот развој. Без поддршката од моите професори, ментори и Македонија2025, моето патување немаше да изгледа вака, вели Наталија.

Избрани достигнувања на Наталија во учебната 2024/2025 година:

🔹 Прва награда на државниот натпревар „Месец на наука“ (астрономија) со сопствена демонстрација и макета
🔹 Втора награда на државниот натпревар по Информатичко размислување и пласман на интернационално ниво
🔹 Втора награда на државниот литературен конкурс на тема „Св. Климент Охридски“
🔹 Прва награда на ликовен конкурс на тема „Берово – мојот роден крај“
🔹 Трета награда на меѓународниот конкурс „Детски Рацинови средби“
🔹 Успешно завршени 18 онлајн модули од програмата Girls Go Circular, со стекнати 18 сертификати
🔹 Учество во онлајн работилница на Goethe Institut на тема вештачка интелигенција и креација на дигитално уметничко дело
🔹 Посета на обука за зелени вештини и развој на бизнис концепти за зелени иновации во организација со поддршка на Македонија2025
🔹 Работа на сопствена веб-страница за претставување на нејзините уметнички дела
🔹 Активно учество во повеќе локални и државни иницијативи и натпревари, со признанија за лична и училишна заслуга.

Менторство што остава трага

Во рамки на програмата, Наталија доби менторска поддршка од искусна професионалка која ѝ помогна во насочувањето на нејзиниот личен и академски развој. Тие обработуваа теми како што се избор на кариера, градење личен бренд, лидерство и организациска култура.

Верувам дека ова менторство ќе ми помогне не само во овој момент, туку и во секоја одлука што ќе ја носам понатаму. Секој разговор беше вреден, секој совет беше драгоцен, а секој момент поминат во ова искуство беше чекор поблиску кон градење на мојата визија за иднината. Оваа поддршка за мене значи многу, и од срце сум благодарна за можноста да учам од некој кој вистински ме инспирира, вели Наталија.

Горди сме што сме дел од нејзиниот пат

Наталија е доказ за потенцијалот што го носат младите таленти во Македонија. Ние во Македонија2025 сме особено горди што веќе втора година ја поддржуваме преку програмата “Таленти денес – лидери утре„, која има за цел да препознае, поттикне и насочи млади ученици со исклучителен капацитет и амбиција.

Со нејзиниот глас, пример и постигнувања, Наталија ги инспирира нејзините врсници, професори и целата заедница. Уверени сме дека ова е само почеток на едно блескаво патување исполнето со успеси и позитивни промени.

Вашата поддршка и мотивација му дадоа посебна вредност и сила на моето патување – ви благодарам што бевте дел од него, порача Наталија до нашата организација.

На Наталија ѝ посакуваме многу успех и среќа на претстојното академско патување – со сигурност знаеме дека каде и да студира, ќе продолжи да блеска и да го носи знамето на успехот високо!