News
На 19 мај 2025 година, во просториите на Млади Хаб, Скопје, се одржа втората практична работилница во рамки на програмата „Атанас Близнакоф“ на Македонија2025, посветена на темата „Ментално здравје и справување со стрес“.
Работилницата ја водеше проф. д-р Ана Фрицханд, професорка на Институтот за психологија при УКИМ, која преку интерактивен пристап и лични примери го доближи значењето на емоционалната стабилност и психолошката самосвест до младите учесници. Стипендисти активно учествуваа во сесијата, споделувајќи искуства и размислувања поврзани со менталното здравје и стресот.
Програмата беше структуирана во три дела. Обуката започна со интерактивна игра за запознавање „Две вистини и една лага“, со која се создаде позитивна енергија и меѓусебна доверба. Потоа, учесниците работеа во мали групи каде размислуваа за трите работи што ги сакаат, во што се добри и што планираат да постигнат – вежба за саморефлексија и мотивација. Во вториот дел од сесијата, преку тимска активност „Цртање со затворени очи“, се нагласи значењето на комуникацијата, довербата и соработката.
Фокусот на завршниот дел беше ставен на практични совети за справување со стрес, анксиозност и панични напади. Проф. Фрицханд ги сподели техниките за длабоко дишење, важноста на релаксирачки активности и улогата на поддржувачки кругови од блиски луѓе: „Кому му се обраќате кога сте под стрес?“ и „Кој ви се обраќа вам кога му е тешко?“
Работилницата целосно ја исполни својата цел – да ги поттикне младите да се грижат за сопственото ментално здравје, да препознаваат знаци на стрес и да користат ефективни стратегии за справување со него. Овој настан ја зајакна заложбата на Македонија2025 и програмата „Атанас Близнакоф“ да негуваат млади лидери кои се подготвени да се соочат со лични и професионални предизвици со самодоверба и емпатија.
Искрена благодарност до Млади Хаб за поддршката во реализацијата на оваа значајна работилница.
Related News