News
Краен рок за доставување на номинации е 20.03.2026 година
Македонија2025 во соработка со Кабинетот на Претседателот на Македонија објавува повик за поднесување на иницијативи/номинации за добитници на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората за тековната 2026 година.
Оваа иницијатива на Македонија2025 е наменета за поединци, припадници од дијаспората, кои без оглед кога и каде се родени се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ, како симболично признание за нивниот несебичен и континуиран ангажман и придонес во различни сфери кон родната земја.
Признанијата се доделуваат за исклучителен придонес и постигнати резултати во доменот на општествениот и/или економскиот развој, образованието, научно-истражувачките работи, уметноста, како и за особени заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош, или пак придонеле за подобрување на определени состојби во родната земја.
Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората ги врачува Претседателот на Македонија.
Признанијата се доделуваат во облик на повелба и плакета.
Максималниот број на признанија кои може да се доделат во една година е (3) три.
Кој може да биде добитник/добитници на Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората?
Добитници на признанијата се физички лица со потекло од Република Македонија кои може, но не мора да имаат македонско државјанство.
Начин на пријавување или поднесување иницијатива/номинација
Поднесувањето на иницијатива/номинација за Признание за придонес на припадниците на дијаспората е на посебно определен образец, објавен во рамки на повикот за Признание за придонес на припадниците на дијаспората.
Припадниците на дијаспората – добитници на други признанија и награди доделувани од страна на Претседателот на Македонија може повторно да се номинираат за добитници на ова Признание.
Поднесувањето на иницијативата/номинацијата може да биде на македонски и/или англиски јазик.
Образецот може да го симнете тука на македонски и на англиски.
Критериуми за признавање на придонесот за Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората
Македонија2025 ги воспоставува следните критериуми за признавање на придонесот на припадниците на дијаспората:
Овие критериуми не се исцрпени и може да се земат предвид дополнителни области во зависност од добиените номинации за потенцијани кандидати за добитници.
Областите за доделување на Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората се различни категории кои се утврдуваат согласно придонесот на самото лице на кое му се доделува признанието. (пр. Признание за придонес на припадниците на дијаспората во областа на промоција на образованието за социјално ранливи категории на студенти и сл.)
Поднесување на предлог за иницијатива/номинација за признание
Предлози за поднесување на иницијатива/номинација за признанија, можат да достават македонски и странски физички лица, како и здруженија на граѓани, владини и невладини организации и асоцијации од земјава и странство. Предлози за поднесување на иницијатива/номинација на признанија за придонес на припадниците на дијаспората може да поднесат и функционери кои раководат со државните органи, како и вработените во тие органи.
Предлозите/номинациите за доделување Признание за придонес на припадниците на дијаспората се доставуваат преку електронска пошта, на следнава адреса: diasporarecognition@macedonia2025.com.
Комисија за селекција на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората
Комисијата за селекција на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората се состои од претседател и членови кои ги номинира и именува Македонија2025, во соработка и координација со Кабинетот на Претседателот на Македонија.
Во комисијата членуваат индивидуи од редот на истакнати поединци и претставници од државни органи и организации, здруженија на граѓани, научни, стручни и други институции од Република Македонија, но и странство. Во комисијата постојано членство имаат по еден член од Македонија2025, Кабинетот на Претседателот и/или поранешен добитник на Признание за придонес на припадниците на дијаспората.
Постапка за избор на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората
Предлозите/номинациите за избор на добитници на признанија се доставуваат на официјалната електронска адреса на Македонија2025: diasporarecognition@macedonia2025.com
Македонија2025 врши административна проверка на документацијата, и потоа ги проследува предлозите до Комисијата за избор. Комисијата ги разгледува доставените предлози и номинации, врз основа на Правилникот за работа на Комисијата за избор и сопствена стручна основаност на седница ги разгледува и избира лицата добитници на Признанието. Комисијата има право да побара дополнителни информации од поднесувачите на предлогот.
Во рок од 15 дена од доставувањето на документацијата за номинираните лица од организаторот на Признанието, комисијата доставува одлука за избор на лице/лица за доделување на соодветно признание на организаторот.
Одлуката за избор на лице за добивање на Признание за придонес на припадниците на дијаспората се добива врз база на просто мнозинско гласање.
Одлуката за избор на лице/лица за добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората јавно се објавува минимум 20 дена пред настанот на доделување на истото, сé со цел да се има доволно време за спроведување на постапката за потенцијален приговор.
Признанијата се врачуваат на посебен настан од страна на Претседателот на Македонија, во рамки на Самитот на Македонија2025 или друг настан за таа намена во земјата или странство.
Рок за доставување на номинации за 2026 година
Рокот за доставување на предлог номинација за доделување на Признание за придонес на припадниците на дијаспората е 20 март 2026 година (23:59) и тоа по електронски пат на следнава електронска адреса: diasporarecognition@macedonia2025.com.
Непотполни номинации и номинации примени по предвидениот рок за поднесување нема да се разгледуваат.
Повеќе за Признанието за придонес на припадниците на дијаспората и претходните добитници https://macedonia2025.com/award/recognition-for-diaspora-contribution/.
Да ги препознаеме и вреднуваме оние чии дела се во служба на општото добро и иднината на Македонија.
Related News