Анета Крстова – Промотивна кампања “НАУКА ЗА ИДНИНАТА„

News

Ајде заедно да ги инспирираме идните генерации научници! Љубопитноста е почетокот на секое откритие – дозволи ѝ да те води.

Во рамки на кампањата Наука за иднината, реализирана со поддршка на Џонсон Мети програмата за поддршка на заедницата, со голема радост ја споделуваме инспиративната приказна на Анета Крстова, наставничка по биологија во ООУ “Маршал Тито„ од Струмица.

Низ својата порака, таа ја охрабрува секоја млада личност да зачекори храбро во светот на науката: “Неицрпноста на науката е предизвик за секој млад научник. Љубопитно, неуморно и храбро втурнете се во светот на новите знаења. И бидете сигурни дека науката ќе ви даде одговор на секое прашање!

Во нејзината лична приказна, љубовта кон биологијата се претвора во животна мисија:
Иако е предизвикувачки на млада возраст да се избере школување за нашата професија, тоа за мене беше најлесната одлука во животот. Како некој кој од секогаш ја сакал науката, посебно темите од биологијата, тоа беше најлогичен избор – па затоа избрав да студирам биологија.

Во светот на биологијата сè има смисла. Таа е наука која дава огромни можности за истражување, наука во која може да се проучува сè што е живо и сè што му дава смисла на животот.

Брзо по дипломирањето се вработив како наставник по биологија – една од најблагородните професии која комплетно ме исполнува и ми дава можност знаењето да го пренесам на учениците, па така и кај нив да поттикнам желба за изучување на науката.

Како наставник ги охрабрувам сите ученици да истражуваат, да бидат посветени и желни за нови знаења. Да прашуваат и бараат одговори кои со сигурност ќе им ги даде науката. Единствено знаењето ве прави подобри и помоќни.

Најважно од сè – не се откажувајте од своите желби и следете ги вашите соништа. Тоа со сигурност ќе ве доведе до големи остварувања за кои еден ден ќе можете да напишете ваша успешна приказна.

А ова е мојата успешна приказна!

Анета е дел од инспиративната заедница на наставници кои преку Наука за иднината го разгоруваат пламенот на љубопитноста кај новите генерации истражувачи и научници.

———————-

Моќта на знаењето

Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.

Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.

Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика.  Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК  

Повеќе за промотивната кампања “НАУКА ЗА ИДНИНАТА

Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!

Кампањата е имплементирана во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата “Науката и јас”

Повеќе за проектот во Македонија2025 “Науката и јас„  и за самата глобална иницијатива на Џонсон Мети тука.