News
На 12 април 2023 година, Македонија2025 и Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка и покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората кон развојот на Република Македонија.
Македонија2025 го воспоставува Признанието за придонес на припадниците на дијаспората со цел да им оддаде почит и јавно признание на припадниците на дијаспората кои индивидуално или преку нивни организации и групи во текот на изминатите години дале значаен придонес кон економскиот и/или општествениот развој на земјата, или промоција на земјата на меѓународен план, преку различни форми како донации, инвестиции, волонтерска работа и слично. Признанието ги вреднува напорите на припадниците на дијаспората кои доброволно и без лична корист враќаат кон татковината од која потекнуваат тие лично и/или претходните генерации од нивното семејство. Истовремено, преку ова признание им се дава можност на граѓаните, јавните институции, граѓанските организации и крајните корисници на добрите дела, донациите и слично, јавно да ја искажат својата благодарност кон алтруистите од дијаспората.
Оваа иницијатива на Македонија2025 е наменета за поединци, припадници од дијаспората, кои без оглед кога и каде се родени се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ. Ова Признание е симболична потврда за нивниот несебичен и континуиран ангажман и придонес во различни сфери кон родната земја. Признанијата ќе се доделуваат за исклучителен придонес и постигнати резултати во доменот на општествениот и/или економскиот развој, образованието, научно-истражувачките работи, уметноста, како и за особени заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош, или пак придонеле за подобрување на определени состојби во родната земја.
Македонија2025, на пригодна церемонија на 25 април 2023 година, заеднички со Претседателот на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски ќе ги објави имињата на добитниците и ќе ги додели Признанијата за оваа година.
Фотографиите објавени со оваа вест се превземени од Претседател на Република Северна Македонија
Related News