Follow Us

Јанинка Горгиева Костадиноска - Промотивна кампања “НАУКА ЗА ИДНИНАТА„

Природата е најдобрата училница

Во рамки на промотивната кампања „Наука за иднината“, реализирана со поддршка на Џонсон Мети Програмата за влијание на заедницата, со задоволство ја споделуваме инспиративната приказна на Јанинка Горгиева Костадиноска, наставник по природни науки во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Македонски Брод.

Како наставник, Јанинка верува дека најдоброто учење се случува преку лично искуство, истражување и директен контакт со природата. За неа, науката не е само знаење стекнато од учебниците, туку начин на размислување и одговорно однесување кон светот околу нас.

Нејзината порака до учениците е едноставна, но силна: „Да ја зачуваме нашата планета за тогаш кога ова сега ќе биде некогаш!“

Во својата лична приказна, Јанинка ја истакнува важноста на практичното учење и развивањето критичко размислување кај учениците: „Природата е најдобрата училница, а најдобриот начин на учење е директно на терен. Кога учениците активно се вклучени во истражувањето и се ставени во ситуации во кои самите треба да донесат заклучоци и да формираат мислење врз основа на факти, тие учат многу повеќе отколку од кој било учебник.

Таквиот пристап им помага да станат одговорни, совесни и самостојни личности со развиено критичко размислување. Токму тие млади луѓе ќе бидат двигатели на позитивни промени и ќе имаат долгорочно влијание врз својата заедница, општеството и животната средина.

Затоа ги охрабрувам учениците секогаш да ја набљудуваат природата, да поставуваат прашања, да истражуваат и да размислуваат со своја глава. Науката не е само начин да го разбереме светот - таа е можност да го зачуваме и подобриме за генерациите што доаѓаат.“

Јанинка Горгиева Костадиноска е дел од заедницата на посветени наставници кои преку кампањата „Наука за иднината“ ги инспирираат учениците да ја истражуваат природата, да размислуваат критички и да ја препознаат науката како пат кон одржлива и подобра иднина.

Моќта на знаењето

Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.

Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.

Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика.  Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК.  

Повеќе за промотивната кампања “НАУКА ЗА ИДНИНАТА„

Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!


Кампањата е имплементирана во рамки на Џонсон Мети Програмата за влијание на заедницата “Науката и јас„.  

Повеќе за проектот во Македонија2025 “Науката и јас„  и за самата глобална иницијатива на Џонсон Мети тука.