Follow Us

Тројца стипендисти на Macedonia2025 избрани за Програмата за лидерство во Канада

Macedonia2025 со гордост објавува дека Орде ЃорѓијоскиАлександар Милевски и Кристијан Стојоски се избрани да учествуваат на Leadership Program при Smith School of BusinessQueen’s University, која ќе се одржи од 8 до 12 јуни 2026 година во Кингстон, Канада.

Нивното учество е дел од Програмата за извршно образование на Macedonia2025 во Канада, иницијатива која има за цел да ги поддржи талентираните македонски професионалци во унапредувањето на нивните лидерски способности, проширувањето на професионалните мрежи и стекнувањето меѓународни искуства и знаења за современите деловни практики.

Во текот на програмата, учесниците ќе имаат можност да учат од врвни професори и експерти на една од најреномираните бизнис-школи во Канада. Leadership Program ќе им понуди практични знаења, нови перспективи и корисни алатки што ќе можат да ги применат во своите организации и професионални средини по враќањето во Македонија.

Како дел од своето развојно патување, Орде, Александар и Кристијан ќе учествуваат и во job-shadowing програма во Торонто. Оваа компонента ќе им овозможи непосреден увид во канадската деловна култура и организациските практики, како и можност за професионална размена со успешни македонски професионалци и бизнис-лидери кои живеат и работат во Канада.

Преку оваа програма, Macedonia2025 продолжува да инвестира во професионалци со висок потенцијал, кои се посветени на личен развој, професионална извонредност и придонес кон идниот развој на Македонија. Создавајќи можности за меѓународно образование, менторство и вмрежување, организацијата има за цел да ја зајакне новата генерација лидери што ќе бидат двигатели на позитивните промени во земјата.

На Орде, Александар и Кристијан им посакуваме успешно, инспиративно и незаборавно искуство во Канада, исполнето со нови знаења, вредни професионални контакти и можности за понатамошен личен и професионален развој.