Follow Us

Отворен повик за ментори 2026/2027: Поддржете ја следната генерација лидери

Active

This call closes on 31 дек 2026.

Пет часа! Иднината на еден млад човек!

Во Македонија2025 веруваме дека талентот расте најбрзо кога ќе се спојат знаењето, искуството и великодушноста.

Со почетокот на новиот менторски циклус, ги покануваме искусните професионалци, лидери и претприемачи да се приклучат на Менторската програма на Македонија2025. Оваа година во програмата се приклучуваат 64 нови стипендисти, заедно со стипендистите и алумни од претходните генерации:

  • 52 нови добитници на стипендијата „Атанас Близнакоф“ за студентска извонредност (АБФ), студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје;

  • 12 нови стипендисти на „Таленти денес – лидери утре“, стипендиската програма за талентирани средношколци.

Преку менторството можете директно да придонесете во академскиот, професионалниот и личниот развој на некои од најперспективните млади луѓе во земјата.

Зошто да станете ментор?

Со најмалку 5 часа во текот на академската година, можете:

  • да ги водите и инспирирате талентираните студенти при нивните одлуки за образованието и почетокот на кариерата;

  • да споделите практично искуство, согледувања и поддршка;

  • да им помогнете на студентите да изградат самодоверба, вештини и појасна визија за својата иднина.

Менторството може да се одвива онлајн, по телефон или во живо, во зависност од вашата достапност и преференции.

Основни информации за програмата

  • Целна група: Студенти стипендисти и алумни на АБФ, како и средношколци од програмата „Таленти денес – лидери утре“;

  • Временска посветеност: Најмалку 5 часа во текот на една академска година;

  • Ангажман: доброволен; менторите не добиваат финансиски надоместок за своето учество;

  • Формат: Флексибилен (онлајн, телефонски, со физичко присуство или хибридно);

  • Поврзување: Двонасочно (ментор–менториран и менториран–ментор), преку платформата за менторство и практикантство на Македонија2025 – MK2025Mentor;

  • Прва средба: Во рок од две недели од воспоставувањето на менторскиот пар;

  • Отворен повик за нови ментори: До 31 декември 2026 година.\

Напомена: Учеството во Менторската програма на Македонија2025 е целосно доброволно. Менторите не се платени и не добиваат финансиски надоместок за своето ангажирање. Програмата се темели на добрата волја на професионалци кои избираат да го споделат своето време, знаење и искуство за поддршка на следната генерација.

Временска рамка за 2026/2027 година

За постојните ментори:

  • Ноември 2026: Започнува новиот менторски циклус;

  • До 30 ноември 2026: Ажурирање на менторските профили;

  • До средината на декември 2026: Доколку е можно, одржување на првата средба со менторираното лице;

  • Средина на декември 2026: Новогодишен настан за вмрежување, на кој менторите и стипендистите од сите генерации ќе имаат можност лично да се запознаат и да се поврзат. Точниот датум и локацијата ќе бидат дополнително објавени.

Ги охрабруваме постојните ментори да ја одржат првата менторска средба пред новогодишниот настан за вмрежување во средината на декември, со цел на самиот настан менторите и стипендистите веќе да се познаваат и да имаат воспоставено контакт.

За новите ментори:

  • Ноември 2026: Започнува новиот менторски циклус;

  • До 31 декември 2026: Креирање менторски профил на платформата;

  • Прва менторска средба: Менторите и стипендистите треба да ја одржат првата средба во рок од две недели од нивното поврзување преку платформата;

  • Средина на декември 2026: Менторите и стипендистите од сите генерации ќе имаат можност лично да се запознаат на нашиот новогодишен настан за вмрежување. Точниот датум и локацијата ќе бидат дополнително објавени.

Доколку е возможно, ве охрабруваме првата менторска средба да ја одржите до средината на декември 2026 година. Доколку тоа не ви одговара, средбата може да ја закажете во термин што им одговара на двете страни.

Како да се приклучите?

Нови ментори:

Креирајте го вашиот менторски профил на платформата, наведувајќи ја вашата моментална работна позиција, областите на експертиза, кратка биографија и достапноста за менторство.

Креирајте менторски профил

Постојни ментори:

Најавете се на платформата со вашите постојни кориснички податоци и ажурирајте го профилот (моментална работна позиција, области на експертиза, кратка биографија, статус на достапност и фотографија по избор) најдоцна до 30 ноември 2026 година.

Ве охрабруваме првата менторска средба да ја одржите пред новогодишниот настан за вмрежување во средината на декември, за да можете на настанот лично да се сретнете со стипендистите со кои веќе сте воспоставиле контакт.

Ажурирајте го вашиот менторски профил

Што е ново на платформата?

Врз основа на искуствата и повратните информации од изминатата година, платформата е надградена со цел менторството да биде подостапно и поедноставно и за менторите и за студентите.

Новите и подобрените функционалности вклучуваат:

  • Двонасочно поврзување: Студентите и понатаму можат да испраќаат барања за менторство, но сега и менторите можат директно да им понудат менторство на студентите;

  • Пребарување студенти според факултет, година на студии, области на интерес, вештини и други критериуми;

  • Подобрено закажување средби, што овозможува полесно усогласување на термините и форматот на средбите;

  • Повратни информации по секоја средба, кои ни помагаат да го следиме напредокот и континуирано да ја подобруваме програмата.

Менторите чии компании нудат практикантство или практична обука можат да ги објавуваат овие можности и на платформата.

Подготвени да се вклучите? 

Менторството е еден од најзначајните начини да се врати нешто на заедницата. Споделувајќи го вашето време и искуство, им помагате на младите луѓе да го остварат својот потенцијал и го зајакнувате идното лидерство на Македонија.

Ќе ни биде чест да ве пречекаме во Менторската заедница на Македонија2025.

За прашања или дополнителни информации:
scholarships@macedonia2025.com | +389 2 3161 015