Успешна приказна за стипендист: Ева Малиновска – Кога талентот се претвора во извонредност
Преку Фондот за поддршка на талентирани средношколци „Таленти денес – лидери утре“, Македонија2025 ги поддржува младите кои со својата посветеност, труд и талент покажуваат дека можат да бидат идните лидери и амбасадори на Македонија во светот.
Една од нив е Ева Малиновска, ученичка во втора година во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, која се образува во класата по виолончело на професорката Маре Видевска.
Музиката е дел од животот на Ева уште од најрана возраст. Својот музички пат го започнала на осум години, кога нејзиниот исклучителен слух и музички потенцијал биле препознаени од истакнати професори и музичари. Денес, благодарение на долгогодишната работа, дисциплина и огромната љубов кон музиката, Ева е една од најперспективните млади виолончелистки во Македонија.
![]() | ![]() |
Од млад талент до сцена со Македонската филхармонија
Уште на 14-годишна возраст, Ева беше избрана како најмлад учесник кој настапил со Македонската филхармонија -достигнување кое претставува големо признание за секој млад музичар. Само една година подоцна го одржа својот прв солистички концерт во организација на JM Македонија, со што уште еднаш ја потврди својата подготвеност за големите сцени.
Во текот на своето музичко образование, Ева има освоено бројни први награди на меѓународни натпревари, честопати со максимални 100 поени од стручното жири. За своите успеси е двократен добитник на престижната награда „Феникс“, која ја доделува Општина Центар на најуспешните млади таленти.
Година исполнета со концерти, настапи и нови предизвици
Учебната 2025/2026 година беше особено динамична и успешна за Ева.
Таа настапуваше како солист и како дел од различни камерни и симфониски состави, реализирајќи концерти во Македонската филхармонија, Музејот на македонската борба, Факултетот за музичка уметност и други значајни концертни сцени во државата. Особено значаен беше нејзиниот настап по повод патрониот празник на училиштето, кога беше избрана преку аудиција да настапи како солист со училишниот камерен оркестар во Македонската филхармонија.
Во текот на годината беше поканета и како специјален гостин на концерт на врвните музичари Дино Имери и Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, што претставува уште едно признание за нејзиниот талент и уметничка зрелост.
Покрај солистичките настапи, Ева беше дел од повеќе оркестарски проекти и концерти во соработка со Факултетот за музичка уметност, настапувајќи во големата сала на Македонската филхармонија како дел од симфонискиот оркестар на ФМУ.
Меѓународни признанија и професионален развој
Ева континуирано работи на своето музичко усовршување преку учество на семинари, мастеркласови и меѓународни фестивали.
Особено значајно искуство за неа беше учеството на „Чело Фест“ во Белград, каде посетуваше мастеркласови кај еминентни професори по виолончело и беше избрана меѓу само 11 учесници од вкупно 57 да настапи на завршниот концерт на фестивалот.
Во текот на годината учествуваше и на фестивалот за виолончело „CELLOVE“, каде работеше со истакнати професори од регионот и доби исклучително позитивни оценки за својата техника и музикалност.
Нејзиниот интерес за музиката не се ограничува само на класичниот репертоар. Во април 2026 година учествуваше на семинар за филмска музика во FAMES Institute, каде работеше на снимање музика за анимирани филмови за студенти по композиција од Универзитетот во Амстердам. Во рамките на проектот имаше можност да соработува со светски познатите диригенти и композитори Alastair King и Tim Redmond, искуство кое дополнително ја инспирираше за идниот професионален развој.
Истата година освои и прва награда на меѓународен натпревар по предметот Хармонија, потврдувајќи дека нејзините способности се подеднакво силни и во теоретскиот дел од музичкото образование.
Музиката како јазик што ги поврзува луѓето
Во текот на своето образование, Ева учествувала на музички кампови, оркестри и образовни програми во Словенија, Италија, Унгарија и Бугарија. Преку овие искуства таа имала можност да соработува со млади музичари од различни земји, да запознава нови култури и да учи од врвни педагози и уметници.
Токму овие меѓународни искуства ѝ помогнале да изгради сигурност на сцената, професионален пристап кон музиката и желба постојано да ги поместува сопствените граници.
Поглед кон иднината
За Ева, музиката не е само талент - таа е начин на живот. Нејзината посветеност, дисциплина и континуирана желба за напредок покажуваат дека пред неа стои светла професионална иднина. Со секој нов настап, натпревар и концерт, таа докажува дека успехот не е резултат само на талентот, туку и на секојдневната работа, истрајност и љубов кон уметноста.
Ева е вистински пример за млад човек кој со својата посветеност и извонредност ги претставува вредностите на програмата „Таленти денес - лидери утре“ - програма која ги препознава и поддржува младите луѓе подготвени да го достигнат својот целосен потенцијал.
Што значеше стипендијата за Ева?
„Како виолончелистка, сакам да ја искажам мојата благодарност кон стипендиската програма „Таленти денес - лидери утре“ на Македонија2025. Имав привилегија да бидам дел од оваа програма и преку соработката со тимот и мојата менторка научив многу за одговорноста, комуникацијата и личниот развој. Стипендијата ми овозможи да учествувам на мастер-класови и натпревари кои се неопходни за мојот музички напредок и кои ми помогнаа да продолжам да се развивам како млад уметник.“
Приказната на Ева покажува дека кога талентот ќе се спои со труд, дисциплина и поддршка, резултатот е извонредност која инспирира.
Уживајте во музиката која ја создава Ева: https://www.youtube.com/channel/UCNxWw4RqDv35UznnKhqRAYA
Related News
Успешна приказна на стипендистката: Софија Настоска – лидерство, емпатија и посветеност кон подобра училишна заедница
For Sofija Nastoska, leadership means listening, sup…
Discover MoreУспешна приказна за стипендист: Дарија Костовска - Градење на иднината преку знаење, технологија и креативност
Дарија Костовска е млада талентирана ученичка која у…
Discover MoreУспешна приказна за стипендист: Данка Јефтимова - Од натпревари до реални иновации
Данка Јефтимова е млада иноваторка која својата љубо…
Discover More

