Follow Us

Охрид камп за високотехнолошка извонредност 2026: Градење вештини, пријателства и идни иноватори

Од 5 до 11 јули 2026 година, шестото издание на Охрид кампот за високотехнолошка извонредност 2026 обедини 23 талентирани млади учесници од Македонија и од македонската дијаспора, вклучително и учесници од Соединетите Американски Држави, Србија, Малта, Обединетите Арапски Емирати и Германија, во инспиративна недела исполнета со роботика, кодирање, тимска работа, креативност и културно поврзување покрај Охридското Езеро.

Организиран од Македонија2025, под покровителство на Претседателката на Македонија, Н.Е. Гордана Сиљановска-Давкова, кампот им понуди на учесниците уникатна можност да ги зајакнат своите СТЕМ вештини, да изградат нови пријателства и повторно да се поврзат со Македонија преку учење, иновации и заеднички искуства.

Во текот на неделата, учесниците беа дел од динамични практични сесии предводени од Центарот за технологија, роботика и иновации (CTRI), каде што градеа и програмираа роботи, истражуваа движење, сензори, прецизност, автоматизација и решавање проблеми, и се натпреваруваа во забавни тимски предизвици како Robo Sumo, Spinner, Smart Sorting, Robo Soccer, како и роботски мисии фокусирани на одржливост, инклузија, комуникација и пристапност.

Кампот вклучи и сесии со BrainsterNext, каде што учесниците ја истражуваа Fable Robotics, основните програмски концепти и дизајн размислувањето, движејќи се од идеи кон прототипи и групни проекти. Посебно доживување беше посетата на КОСТАЛ Македонија, каде што учесниците добија практичен увид во тоа како технологијата и инженерството се применуваат во производството на автомобилски делови во реална индустриска средина.

Покрај технологијата, кампот создаде простор за пријателство, тимска работа и културно истражување. Учесниците уживаа во прошетка низ стариот дел на Охрид, град под заштита на УНЕСКО, креативни работилници за македонски занаети, вклучувајќи изработка на „Медали на пријателството“, активности на плажа и базен, филмски вечери, фудбалски вечери со Светското првенство, групни игри, смеа и незаборавни камп моменти.

Кампот заврши со посебна свечена церемонија во присуство на Претседателката на Македонија, членови на Бордот на Македонија2025, истакнати гости и професионалци од дијаспората. Учесниците гордо ги презентираа своите роботи, проекти и мисии, покажувајќи сè што научија во текот на неделата. Претседателката им додели сертификати за успешно завршување на Охрид кампот за високотехнолошка извонредност 2026.

Погледнете ги најубавите моменти од оваа инспиративна недела во Охрид:
https://www.youtube.com/watch?v=A2wX1aeXGLc

Потребна е цела заедница за да се изградат идните иноватори

Зад секој изграден робот, секој решен предизвик, секое ново пријателство и секоја насмевка на Охрид кампот за високотехнолошка извонредност 2026 стои заедница од луѓе и организации кои избраа да инвестираат во следната генерација.

Благодарение на нивната поддршка, 23 талентирани млади учесници од Македонија и од македонската дијаспора поминаа една недела учејќи роботика, кодирање, инженерство, тимска работа и иновации - создавајќи пријателства за цел живот и зајакнувајќи ја својата врска со Македонија.

Посебна благодарност упатуваме до Вања Јосифовски, чија дарежлива поддршка овозможи уште повеќе деца - особено деца од социјално ранливи семејства - да бидат дел од ова животно искуство.

Подеднакво сме благодарни и на нашите корпоративни партнери и поддржувачи: Триглав Осигурување АД Скопје, Витаминка Прилеп, КОСТАЛ Македонија, Алкалоид АД Скопје, Пелистерка, Фруктал Македонија и Forest Bar.

Исто така, изразуваме искрена благодарност до сите индивидуални донатори кои ја поддржаа нашата мисија и образовните програми.

Вашата дарежливост значи многу повеќе од спонзорирање на еден камп. Вие отвoрате врати кон можности, инспирирате љубопитност и им помагате на младите да поверуваат дека можат да станат инженерите, иноваторите, научниците и лидерите на утрешнината.

Ви благодариме што верувате во нашата младина. Заедно градиме посилна иднина за Македонија.