Follow Us

Официјално започна осумнаесеттото издание на проектот LEADER

На 14 април 2026 година официјално започна осумнаесеттото издание на проектот LEADER,  интензивна Mini MBA програма наменета за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од цела Македонија. Програмата ја организира Македонија2025 во партнерство со реномираната бизнис-школа Ivey од Канада, со поддршка од Кроација Осигурување.

Учесниците од различни делови на земјата повторно ќе имаат можност да бидат дел од двонеделна интензивна обука, заснована на MBA-пристапот на бизнис-школата Ivey и приспособена кон реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средните претпријатија, како и идните лидери во корпоративниот сектор.

Наставната програма ги опфаќа клучните деловни области, меѓу кои стратегија, маркетинг, финансии, управување со човечки ресурси, развој на производи, деловно планирање и лидерство. Обуката се спроведува преку студии на случај, интерактивни симулации и практични вежби, дополнети со индивидуални менторски сесии со предавачи од Канада.

„Проектот LEADER ја отсликува нашата посветеност кон развојот на нова генерација млади лидери, кои ќе придонесат за економскиот раст и иновациите во Македонија. Инвестирањето во знаење, претприемачки начин на размислување и лидерски вештини е од суштинско значење за градење поконкурентна и поодржлива економија“, изјави Никица Мојсоска-Блажевски, главна извршна директорка на Македонија2025.

Програмата дополнително ќе биде збогатена со гостински предавања од истакнати македонски деловни лидери, кои ќе ги споделат своите практични искуства и согледувања за актуелните пазарни трендови. Обуката ќе заврши со презентација на бизнис-идеи пред комисија составена од претставници на деловната заедница.