Фондацијата “Атанас Близнакоф” е формирана на 18 април 1977 година од страна на Атанас и Славка Близнаков. На 148-та пленарна седница на Советот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ во Скопје донесена e одлука за основање на Фондацијата “Атанас Близнакоф”, која ќе има основна цел да обезбеди стипендии за студентите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” Скопје.
Иселеникот Атанас Близнакоф е роден во 1901 во костурското село Д’мбени. Во 1920 го напуштил родниот крај и заминал во САД каде што живеел и работел до 1976 кога се населил во Скопје и ја основал фондацијата. Близнакоф во САД бил дел од МАНС – Македонско-американски народен сојуз, активен во поддршката на Македонија, а неговата фондација е прва и најголема фондација на иселеник.
Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои се запишани на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитет „Св. Кирил и Методиј„ во Скопје, кои постигнале исклучителни резултати и успех во претходниот циклус на образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на сопственото образование.
Во 2021/2022 година, 40 средношколци кои ќе се запишат на прва година на студии на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” Скопје ќе добијат стипендии од 120.000 денари годишно. Правото на користење на стипендијата трае додека редовно се исполнуваат условите, заклучно со завршувањето на студиите од првиот циклус.
Стипендиите од Фондацијата се обезбедуваат од камати и од дивиденди на Фондацијата “Атанас Близнакоф” во САД. Во 2018 година се формираше сестринска фондација во САД со што се ослободени 5 милиони американски долари кои од смртта на Близнакоф во 1998 година стоеле блокирани во САД.