Македонија 2025 прогнозира: Падот на БДП во КВ.4 2020 ќе биде помеѓу 2.0% и 4,0%
Според последните високо фреквентни индикатори и досега расположливите податоци, предвидуваме намалување на Бруто домашниот производ од 2,0% до 4,0%, како резултат на пролонгираните ефекти од затворањето на економијата и намалувањето на агрегатната понуда и побарувачка во домашни и светски рамки.
Проекцијата се должи на следните економски движења во четвртиот квартал од 2020:
Производна страна:
Индустриско производство: Негативните трендови во индустриското производство продолжуваат и во последните месеци oд 2020 година. Ова е петти последователен квартал кој бележи пад на индустриското производство. Имено, во првите два месеци од четвртиот квартал од 2020 година индустриското производство забележа пад од 4,6%, кој е значително помал во споредба со изминатите два квартали. Овој резултат е очекуван со оглед на сеуште постоечките негативни динамики на локалните и глобалните пазари кои се должат на бавното опоравување на светските економиии од последиците од кризата предизвикана од Covid-19 вирусот. Анализираните податоци по поодделни индустриски гранки за Кв.4 2020 година покажуваат пад кај речиси сите индустрии освен кај енергетските капацитети, фармацевтските компании, хемиската индустрија, производството на руди, и производството на компјутери, електронски и оптички производи. Индустриите кои произведуваат производи со ниска додадена вредност, имено кожарската, дрвопреработувачката и текстилната индустрија и производителите на интермедијарни производи и репроматеријали за индустрија се најпогодени од ефектите на успорувањето на економските циклуси во изминатиот период.
Податоците за индустриското производство укажуваат дека индустријата ќе има негативен придонес во растот на БДП во четвртиот квартал од 2020 година.
Графикон број 1: Индустриско производство, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Трговија: Податоците за движењата во трговијата го продолжуваат негативниот тренд според првичните податоци и за четвртиот квартал од 2020. Како што може да се види од графиконот 2, забележуваме последователен пад во обемот на трговија во текот на целиот изминат период од 2020 година вклучувајќи ги и последните месеци од годината. Вкупната трговија забележува пад од 21,7% во периодот октомври-ноември 2020 година, пришто падот повторно се должи на две од трите составни компоненти, но најмногу на трговијата на големо, идентично како и во вториот и третиот квартал од 2020 година. Ваквите податоци од трговијата упатуваат дека овој сектор ќе има висок негативен придонес кон намалувањето на БДП.
Графикон број 2: Трговија, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Градежништво: Извршените градежни работи во октомври 2020 година забележаа номинален раст од 10% во однос на октомври 2019 година. Ваквите движења се поповолни за разлика од податоците за вториот квартал кога забележавме силен негативен пад и дополнително поповолни од податоците за третиот квартал кога започна опоравувањето на параметрите во овој сектор. Во периодот октомври-ноември капиталните расходи во Буџетот на Република Македонија забележаа пад од околу 14%, сепак, неофицијалните информации упатуваат на висок раст на капиталните расходи во декември 2020 година. Земајќи ги во предвид сите параметри, очекуваме градежништвото да има позитивен придонес кон растот на БДП во четвртиот квартал од 2020 година.
Графикон број 3: Извршени градежни работи, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Туризам: Како што може да се забележи од графиконот број 4, туризмот во периодот октомври-ноември 2020 година бележи влошување на параметрите, т.е. поголеми негативни стапки на раст од претходниот квартал. Ова е очекувано после крајот на летната туристичка сезона и новиот, трет бран на ширење на Ковид-19 вирусот. Туризмот и во првите два месеци од четвртиот квартал од 2020 година трпи штети кои се резултат на рестриктивните мерки за ограничување на движењето (затворањето на неколку западноевропски земји), рестрикциите за патувања и наложените мерки од власта за преполовување на работното време и сместувачките капацитети со цел да се ограничи ширењето на Ковид-19 вирусот. Имајќи ги во предвид овие податоци, резултатите од овој сектор ќе имаат силен негативен придонес во растот на БДП.
Графикон број 4: Основни податоци за туризам, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Расходна страна:
Надворешно-трговска размена: Извозот на стоки во октомври и ноември од 2020 година забележа раст од 3,8% во споредба со истиот период од минатата година додека увозот на стоки забележа пад од 2,9% во споредба со истиот период од минатата година. Ова е прв прелиминарен квартален раст на извозот после три последователни квартали на негативен пораст, што индицира на делумно закрепнување и рестартирање на индустриските капацитети кои имаат најголем допринос во извозот на државата. Податоците соодветствуваат и со индикаторите на нашите најголеми трговски партнери од ЕУ и Западниот Балкан каде што стапките на увозот/извозот во сооднос со Македонија соодвествуваат со прикажаните во график 5. Имајќи го во предвид растот на извозот во споредба со сеуште негативниот раст на увозот, очекуваме придонесот на нето-извозот да биде позитивен за Кв.4 од 2020 година.
Графикон број 5: Надворешно-трговска размена, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Лична потрошувачка:
График број 6 ги прикажува промените во четвртиот квартал од 2020 година. Банкарскиот сектор повторно бележи позитивен пораст на кредитирањето кон приватниот сектор. Согласно со податоците на Народната банка, кредитирањето на приватниот сектор во октомври и ноември од 2020 година продолжи да расте со стапка од 5.4% на годишна основа. Ова е единствениот параметар кој е предмет на оваа анализа што константно бележи позитивни движења во текот на целото времетраење на Ковид пандемијата. Солиден раст забележаа и депозитите, додека не-функционалните кредити забележаа поголема надолна промена поради одлуката на НБРМ да и ја одземе дозволата за работа на Еуростандард Банка која во своја сопственост имаше големо портфолио на нефункционални кредити. Сепак, големата неизвесност од здравствено-економската криза и системски согледувајќи ги другите параметри од оваа анализа, упатува на заклучок дека ќе има голема воздржаност на граѓаните за потрошувачка и умерен негативен придонес на личната потрошувачка во БДП за четвртиот квартал од 2020 година.
Графикон број 6: Кредитирање на приватен сектор, годишни стапки на промена
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија
Бруто инвестиции: Движењата кај бруто-инвестициите во периодот октомври-ноември се релативно подобри во однос на останатите движења во реалниот сектор. Долгорочните кредити на претпријатија забележаа раст од 9,2%, а се очекува и раст на капиталните расходи во државниот буџет. Истовремено увозот на машини и транспортни уреди не забележа позначајна промена. Ваквите податоци упатуваат на умерен позитивен придонес на бруто-инвестициите во БДП.