“Технологијата веќе не е кариерен избор, таа е присутна во сите области на нашето работење. Она што некогаш се сметаше за машка професија денес изобилува со можности, како за комплексно инженерство, така и за креативна работа. STEM студиите поставуваат основа која понатаму може да ја искористите не само за развивање во некоја од модерните професии, туку во комплетно нови области за кои сеуште не знаеме дека ќе бидат потребни. Бидете љубопитни, верувајте во својот потенцијал и секогаш гледајте позитивно на новите предизвици бидејќи тие го оформуваат вашиот развој како професионалци.” – Катерина Трајчевска, Главна извршна директорка на Адева
Катерина е ко-основачка и главна на извршна директорка Адева, компанија која им овозможува на софтверски инженери од целиот свет да работат со етаблирани компании и брзорастечки старт-апи од светските технолошки центри. Промотор на remote (од далеку) работа, верува дека работното место од иднината нема да зависи од тоа кој колку и од каде работи, туку колкава вредност дава.
Катерина верува во еднаквост, инклузија и враќање кон заедницата и на приватен и на професионален план. Таа е поранешен амбасадор на Women in Tech Global Movement и често волонтира како ментор за различни програми и иницијативи.
Македонија2025, во партнерство со Фондацијата Ана и Владе Дивац-Србија и Women In Tech Macedonia, ве кани да се вклучите во активностите за мотивирање и поддршка на младите девојки за избор на образование и кариера во некоја од областите на СТЕМ (Science, Technology, Engineering and Mathematics).
Веруваме дека успешните приказни и искуства се најдобар начин за да ги намалиме стереотипите во општеството и поделбата на „машки„ и „женски„ професии и да им помогнеме на младите девојки да го остварат својот потенцијал.
Програмата е поддржана од Амбасадата на Канада во Србија, Северна Македонија и Црна Гора и Владата на Република С. Македонија.
#stemitlikeagirl #macedonia2025 #womenintechmacedonia #стемувајкакодевојка