Марија Каранакова е косопственик на консултантската фирма за развој на бизниси Periticonsulting и член на Leaders Club на Македонија2025 во Европа. Таа е ентузијаст за готвење и ја фасцинираат печурките и алгите. Неодамна Марија ни кажа некои работи за продуктивноста, за предизвиците и за тоа што ја инспирира.
1. Што те инспирира во изминатиов период?
– Ме инспирира комплексноста на природата и луѓе кои се стремат да се надминат во се што работат, за кои зборот „невозможно“ е само уште еден предизвик. Ме инспирираат позитивните луѓе кои наоѓаат среќа во секое нешто што го работат.
2. Како започнувa твојот најпродуктивен ден?
– Еден најпродуктивен ден започнува, секако, со спорт или со едночасовна прошетка во природа. Може некој ќе каже дека наутро нема време за спортување или прошетка, но важно е да се знае дека мозокот што е добро разигран со крв добива повеќе кислород и работи побрзо, односно, на тој начин стануваме поефикасни и попродуктивни. После тоа следува доручек со една шоља кафе, следење на утринските вести и денот може да почне.
3. Која е највозбудливата иновација во твојата област што би сакала да ја споделиш со луѓето во Македонија?
– Специјално сум фасцинирана од можностите што ги нуди 3D принтинг технологијата и примената на истото во медицината, како на пример, за изработка на медицински протези или во денталната хирургија. На тој начин лицата со такви потреби можат да персонализирани протези што се изработени „по мерка“.
4. Кој ти е најголемиот предизвик поврзан со работата?
Мој најголем предизвик во развивањето на бизнисот е да се допре до потенцијален клиент на иновативен начин. Важен услов за тоа е одличното познавање на неговата бизнис стратегија и приоритети. Само на таков начин може да се предложи соработка која ќе ги задоволи и двете страни. Задоволниот клиент е најдобар и најсигурен вектор на позитивна комуникација, односно, најдобра реклама.
5. На кој начин сметаш дека поединецот може да придонесе до напредокот на Македонија?
– Човекот треба да учи и да се надградува додека е жив, без разлика на каква работна позиција се наоѓа, дали е почетник или експерт. Би било добро да се искористи и најмалото слободно време во денот за да се научи нешто ново и корисно. Денот поминат без да се научи нешто, е залудно потрошен ден. Никогаш не е доцна да се научи нов странски јазик или да се усоврши некоја вештина. На таков начин се отвараат нови видици и можности, се зголемува самодовербата и човек станува похрабар во одлуките. Значи, стекнете знаење, надградувајте го и пред се, споделувајте го.