Кирил Котевски е Македонец кој живее во Данска и е активен помеѓу македонското иселеништво во таа земја како поттикнувач на соработка помеѓу двете земји, како и на каузата за зачувување и одржување на македонскиот културен и национален идентитет. Во интервјуто со Кирил ја начнавме економската тема во поглед на македонската емиграција и нејзиното воспоставување и одржување на соработка и деловни односи со Македонија. Кирил ја нагласува потребата од стимулирање интеракција и односи помеѓу државните агенции, иселениците и бизнисот. Кирил е еден од говорниците на Форумот на Македонија2025 што ќе се одржи на 13-14 јуни во Стокхолм, Шведска.
Каква улога може да има економската поврзаност помеѓу Македонија и Данска во одржувањето и надополнувањето на културната самосвест кај Македонците во Данска, но и Скандинавија воопшто?
– Економската поврзаност помеѓу Република Македонија и Данска, како и со сите останати држави може да има огромно значење, како за двете држави, така и кај Македонците кои живеат во Данска а и во Скандинавија.
Со учеството на Македонците од Скандинавија во економската директна и индиректна соработка помеѓу Македонија и Скандинавија, по автоматизам ќе се подигне свеста на сите страни за Македонија, ќе се проширува мрежата за соработка помеѓу државите, а најважно од се, граѓанската дипломатија ќе се крене на едно многу повисоко ниво. Многу е важно поттикот за соработка да доаѓа од скандинавските земји, а претприемачите и снабдувачите во Македонија треба да бидат подготвени да одговорат на потребите на оние што побаруваат. Секое воспоставување на соработка треба да се гледа како долгорочна можност за водење бизнис и тоа треба да биде приоритет. Луѓето што потекнуваат од Македонија а живеат во Скандинавија треба да комуницираат меѓусебно и со оние што живеат во Македонија, со цел да се разберат потребите на овие развиени економии и да се разберат апетитите на потрошувачите.
Кој аспект на Македонството сметаш дека е најпривлечен за младите луѓе во северна Европа? Како би се поистоветил еден Данец од македонско потекло со земјата на неговите родители или предци?
– Одлично прашање кое бара многу голема анализа и посветеност. Ќе се обидам во пократки црти да одговорам. Република Македонија како и сите останати држави од нашето опкружување е иселеничка земја. Уште од почетокот на минатиот век, Македонците од различни причини, својата среќа ја бараат во други држави.
Прашањето кое можеби треба да си го поставиме е, што и колку направила и што би требало да направи нашата матична држава за нашите иселеници и нивните поколенија и секако, што може и што треба да очекува Република Македонија од нашата дијаспора. Кога ќе го дадеме одговорот на овие прашања, тогаш ќе можеме и да дадеме прецизен одговор на Вашето прашање.
Лично сметам дека Македонците кои живеат надвор од Република Македонија не се искористени од страна на нашата матична држава. Во државите на северозападна Европа, веќе живее четвртата генерација Македонци кои се целосно интегрирани во општествата каде што живеат, во секое поле. Затоа сметам дека потенцијалот е голем, но не смее да се чека многу, бидејќи постои ризик младите Македонци да го изгубат македонистот коj го наследиле од своите предци.
Има многу работи со кои што младите Македонци кои се надвор од границите на Република Македонија можат да се поистоветат со својата матична држава, но за тоа да се случи треба да се поттикнат со нешто. Преку анкети и разни истражувања треба да се открие што ги интересира младите Македонци во Данска и Скандинавија што е поврзано со Македонија. Дали е тоа музика, уметност, култура, литература, спорт, планинарење, селата низ Македонија, иновативните компании во Македонија – треба да се дознае и да се „спакува“ во „културна алатка“ со цел да се воспостави интеракција и да се поттикне интерес. Луѓето што би ја воделе таа иницијатива треба да бидат отвореноумни и треба да знаат што прават и кон што целат.
Најдобар пример можеби е организацијата “Macedonia 2025” која на еден доста организиран, но и посветен начин се труди да го извлече најдоброто од поединци на македонската дијаспора.
Дали сметаш дека конкурентноста на извозот од Македонија во Данска се наоѓа во производите што се пласираат на ангро, како сировина, или пак се тоа специјализирани производи што се брендирани од мали компании?
– Не би рекол дека едната форма на извоз ја исклучува другата. Повеќе аспекти се важни за да може една македонска компанија да успее да ги пласира своите производи на скандинавскиот пазар. Најпрво е важен соодносот на квалитетот со цената. Бидејќи стандардот во Скандинавија е доста повисок во однос со Македонија, една од можностите за успех е конкурентноста со цена.
Многу важен аспект во однос со бизнис соработка помеѓу Македонија и Данска, но и со останатите скандинавски држави е детално запознавање со нивната бизнис култура. Овде многу се цени искреноста, почитување на договорот и навремена испорака на производите.
Данска е една од водечките земји во Европа во однос на дизајн и иновативност. Во отсуство на тешка индустрија, данците многу брзо сфатија дека треба да се фокусираат на алтернативни индустрии за да бидат конкурентни со остатокот од Европа. И мораме да признаеме дека тоа им успева исклучително добро.
Во овој аспект би сакал да нагласам, дека токму тука македонските компании би можеле да имаат голема помош од Mакедонците кои живеат во Данска. Ние би можеле да бидеме таа врска која е добро запозната со двете земји и која на секој начин би го олеснила процесот за соработка.
Затоа е и потребна организација како “Macedonia 2025” каде што би се направила таа датабаза со успешни Mакедонци кои успешно работат во различни сфери во своите општества. На тој начин македонските компании би можеле многу полесно да ја најдат потребната помош при евентуален извоз во Данска или во цела Скандинавија.
Дали Македонците во Данска одржуваат културни манифестации за промовирање на земјата и културата и кои се според тебе начините за лесно и ефикасно промовирање?
– Македонската заедница во Данска е прилично мала и би рекол не доволно организирана на тоа поле. Ретки се тие организирани промоции кои би ја промовирале Македонија пред Данците. Тие културни настани се повеќе ставени во функција на Македонците во Данска отколку на Данците, за жал.
Според мене најголемата промоција на нашата држава можеме да ја постигнеме преку таа граѓанска дипломатија, каде што поединецот на свој начин треба да ја промовира Република Македонија во рамките на своето локално општество. Сметам дека на тој начин ефектот е најголем.
Кога говориме стриктно за Република Македонија, сметам дека граѓанската дипломатија има многу поголем ефект на граѓанско ниво од сите амбасадори и дипломати заедно. Затоа повторно ќе ја искажам важноста за поголем акцент на македонската дијаспора од страна на Република Македонија, бидејќи придобивките од тоа би можеле да бидат огромни.
Копенхаген и неговата област е инфраструктурно поврзана со неколку големи градови во Шведска. Дали сметаш дека соработката помеѓу Данска и Македонија всушност треба да биде поширока соработка што ги вклучува Македонците што живеат во Шведска?
– Апсолутно. Впрочем, глобализацијата на општествата на западните земји, секако дека наложува на размислување во таа насока. Сепак, сметам дека најважна е нашата понуда, нашиот квалитет, професионалност и секако иновативност доколку сакаме да успееме на пазарите од Скандинавија.
Јас сум оптимист во таа насока и очекувам новата генерација на македонски претприемачи брзо да ги научат овие одлики на скандинавските пазари за поуспешно презентирање на македонски производи.
Интервјуто го водеше Мартин Анастасовски