Македонија 2025 прогнозира: Растот на БДП во КВ.3 2022 ќе биде помеѓу -2,0% и 0%
Според последните високо–фреквентни индикатори и досега расположливите податоци, предвидуваме негативен раст на Бруто домашниот производ, односно пад помеѓу -2,0% и 0%. Основна причина за предвидениот негативен економски раст од домашните фактори претставува големиот пад во градежниот сектор, додека војната во Украина, високиот пораст на цените на светско ниво како и нарушувањето на синџирите на снабдување во светот се позначајните надворешни фактори кои негативно влијаат на растот на БДП.
Проекцијата се должи на следните економски движења во третиот квартал од 2022:
Производна страна:
Индустриско производство: во третиот квартал од 2022 година, индустриското производство забележа пад од 1,8%, што всушност е во рамки на очекувањата земајќи ги во предвид глобалните предизвици со кои светот се соочува. Од традиционалните сектори позначителен пад забележува тутунската индустрија (-55%), индустријата за производство на основни метали (-50%), како и прехрамбената индустрија (-10%), додека единствено текстилантата индустрија забележува повисок раст (29%). Од друга страна, производството во автомобилската индустрија, односно кај фирмите извознички лоцирани во технолошките развојни зони забележа стабилен двоцифрен раст.
Податоците за индустриското производство укажуваат дека Секторот Индустрија ќе има негативен придонес во растот на БДП во третиот квартал од 2022 година.
Графикон број 1: Индустриско производство, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Трговија: Како што може да се види од графиконот со број 2, солиден номинален пораст во обемот на Трговија се забележува во третиот квартал од 2022 година. Имено, вкупната Трговија забележува раст од 17,6%, при што растот се должи на позитивните движења во сите три компоненти. Во однос на претходниот квартал, ваквиот раст претставува мало забрзување, што во најголем дел се должи на кварталното забрзување на Трговијата со моторни возила, што упатува на зајакнување на куповната моќ на македонските граѓани. Сепак, прометот со моторни возила е се уште на значително пониско ниво во однос на продажбата на моторните возила пред здравствената криза односно во 2019 година.
Ваквите податоци од трговијата упатуваат дека овој сектор ќе има позитивен придонес кон зголемувањето на БДП, умерено повисок во однос на претходниот квартал.
Графикон број 2: Трговија, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Градежништво: Извршените градежни работи во периодот јули-август 2022 година забележаа реален пад од 14,6% во однос на истиот период од претходната година. Ваквите движења се неповолни и претставуваат седми последователен пад на Градежништовото во Република Северна Македонија. Притоа, падот е значителен кај нискоградбата (-27%), додека високо градбата забележува едноцифрен пораст (5,8%). Ваквите податоци ги потврдуваат и податоците за Извршувањето на Буџетот. Имено, Капиталните расходи во третиот квартал од 2022 година изнесуваат 4,2 милијарди денари, што во однос на истиот период од минатата година претставува пад од 38%. Ниското ниво на Капитални расходи реализирани преку Буџетот претставува хроничен проблем и навистина неопходно е да се преземат сериозни мерки од страна на креаторите на економските политики.
Ваквите податоци укажуваат дека градежништвото ќе има негативен придонес кон растот на БДП во третиот квартал од 2022 година.
Графикон број 3: Извршени градежни работи, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Туризам: Како што може да се забележи од графиконот број 4, туризмот во третиот квартал од 2022 година бележи подобрување, но со значително побавно темпо во однос на претходните квартали. Така, бројот на туристи забележа раст од 19,3%, додека бројот на ноќевања забележа раст од скромни 9,6%. Податоците покажуваат дека војната во Украина сепак има одредено влијание и дека ќе биде потребно повеќе време овој сектор, како еден од најпогодените во македонската економија, да се врати на преткризните нивоа предизвикани од пандемијата со Ковид-19.
Имајќи ги во предвид сите овие податоци, се очекува овој сектор да има умерен позитивен придонес во растот на БДП за кв.3 2022 година.
Графикон број 4: Основни податоци за туризам, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Расходна страна:
Надворешно-трговска размена: Извозот на стоки во третиот квартал од 2022 забележа раст од 19.9% во споредба со истиот период од минатата година додека увозот на стоки забележа поголем пораст од 29,4%. Сепак, порастот на цените на светските берзи претставува основна причина за високиот раст на извозот и на увозот. Поголем пад од 25% забележува извозот на Метали, Храната (10%) додека раст забележува извозот на Машински и Транспортни уреди – односно извозот од новите извозно-ориентирани производствени капацитети.
Кај увозот највисок придонес во растот има увозот на енергија (во услови на повисоки цени на енергенсите и истовремено повисоки увезени количини, како и суровинскиот увоз на дел од производствените капацитети во странска сопственост.
Податоците за растот на извозот во количини покажува реален пад на извозот од 4,5%, додека падот кај количинскиот увоз е поголем и изнесува 24%.
Имајќи го предвид растот на извозот, но и поголемиот раст на увозот, очекуваме придонесот на нето-извозот да биде негативен за Кв.3 од 2022 година.
Графикон број 5: Надворешно-трговска размена, годишни стапки на промена
Извор: Државен завод за статистика
Лична потрошувачка:
Графикон број 6 ги прикажува промените заклучно со третиот квартал од 2022 година кај кредитната активност на финансискиот сектор во Република Македонија. Интензитетот на кредитирање забележува солиден раст и во третиот квартал од 2022 година, што е во релација со растот на просечната плата како и порастот на увозот. Согласно со податоците на Народната банка, кредитирањето на приватниот сектор во анализираниот период продолжи да расте со стапка од 11% на годишна основа. Сепак, ова претставува мало, но прво забавување на растот во изминатите шест квартали. Мерките на НБРМ за забавување на кредитниот раст преку пораст на основната каматна стапка започнува умерено да влијае врз кредитирањето на приватниот сектор.
Истовремено, солиден раст забележаа и депозитите на граѓаните, како и приходите во буџетот по основ на Данок на додадена вредност. Ваквата анализа упатува на позитивен придонес на личната потрошувачка во БДП за третиот квартал од 2022 година.
Графикон број 6: Кредитирање на приватен сектор, годишни стапки на промена
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија
Бруто инвестиции: Високо-фрекфентните податоци за Бруто-инвестициите во третиот квартал од 2022 година упатуваат на дивергентни движења. Имено, долгорочните кредити на претпријатијата забележаа раст од 9,5%, додека значителен пад забележуваат капиталните инвестиции во државниот буџет. Дополнителнио увозот на машини и транспортни уреди забележа солиден раст. Ваквите податоци упатуваат на неутрален придонес на бруто-инвестициите во БДП.
ММФ – Светскиот економски преглед. ММФ во октомври 2022 година го објави новиот World economic outlook. Глобалната економска активност доживува забавување со широка основа и посилно од очекуваното, при што инфлацијата е највисока во изминатите децении. Растот на трошоците за живот, заострувањето на финансиските услови во повеќето региони, руската инвазија на Украина и долготрајната пандемија на КОВИД-19, сето тоа силно влијае на изгледите. Се предвидува глобалниот раст да забави од 6,0 отсто во 2021 година на 3,2 отсто во 2022 година и 2,7 отсто во 2023 година. Ова претставува најслабо остварување од 2001 година, освен за глобалната финансиска криза и акутната фаза на пандемијата COVID-19.
ММФ предвидува глобалната инфлација да се зголеми од 4,7 отсто во 2021 година на 8,8 отсто во 2022 година, но да се намали на 6,5 отсто во 2023 година и на 4,1 отсто до 2024 година. Структурните реформи можат дополнително да ја поддржат борбата против инфлацијата преку подобрување на продуктивноста и олеснување на ограничувањата во понудата, додека мултилатералната соработка е неопходна за брзо следење на транзицијата кон зелената енергија.