Донирај
X

Идни Настани

Дружете Не

Лидер Проектот го збогати македонскиот екосистем на претприемачи со 40 нови членови

By четврток, der 26. мај 2016Announcements

Минатиот петок, 20 мај, четириесет учесници на Лидер проектот во Скопје ги претставија своите бизнис планови за да го комплетираат десетдневниот курс за бизнис кој е граден според МБА програмата на школото за бизнис Ричард Ајви во Канада. Секој од учесниците имаше на располагање четири минути за да ги убеди членовите на комисијата составена од инструкторите на курсот и искусни деловни професионалнци, во изводливоста и одржливоста на нивниот бизнис план. Комисијата имаше една минута да постави прашања и да добие одговори поврзани со бизнис планот.

Оваа поставеност создаде атмосфера на позитивен притисок и возбуда, нешто што на учесниците им беше потребно за да откријат колку се убедливи во нивниот настап пред потенцијален бизнис партнер, клиент или инвеститор. Тоа што Лидер проектот им го овозможи на овие уникатни поединци, беше структурирано учење преку истражување на вистински случаи на успеси и неуспеси во бизнисот, кои се дел од МБА курикулумот на Ричард Ајви.

Македонија2025 со гордост може да изјави дека деветото издание на Лидер проектот може да се земе како алатка за мерење на напредокот на претприемачите и менаџерите во Македонија. Станува евидентно дека интеракцијата помеѓу учесниците, прашањата што тие ги поставуваат и одговорите што ги добиваат од самата група и од инструкторите, кај нив создава поопширно и посложено разбирање за бизнисот и претприемништвото. Лидер тренингот им овозможи на учесниците структурирано и професионално преиспитување на нивните знаења и вештини во бизнисот и взаемно поттикнување напредок кон остварување на нивниот претприемачки дух.

Освен тоа што Лидер проектот претставува можност за стекнување нови знаења, обуката исто така нуди одлична можност за запознавање помеѓу поединци кои имаат слични интереси. Инструкторите, учесниците, членовите и поддржувачите на Македонија2025 имаа можност да се сретнат на неколку неформални средби каде што тие разговараа за потенцијална соработка.

Како дополнителна активност која беше дел од програмата, на 18 мај Македонија2025 организираше традиционален настан за вмрежување на алумните на Лидер проектот. По втор пат ја имавме честа да го поканиме како говорник Амбасадорот на Канада во Срдбија, Македонија и Црнагора, неговата екселенција Филип Пинингтон. Амбасадорот Пинингтон уште еднаш ја потврди успешноста со која Македонија2025 ги организира овие образовни настани и придонесува во развојот на бизнис образованието. Тој и се заблагодари на организацијата за нејзиниот придонес во отварањето на нова локација за Лидер обуката во Србија. На приемот присуствуваа повеќе од 100 поранешни и сегашни учесници на обуката и поддржувачи на Македонија2025.

Благодарение на соработката и взаемната поддршка помеѓу Македонија2025, македонската дијаспора и Ричард Ајви, претприемачите во Македонија се здобија со можноста да направат голем исчекор нанапред кон градење на професионалниот успех. Меѓу другото, важно е да се истакне дека и оваа година Македонија2025 на Лидер проектот му даде регионален карактер со тоа што овозможи аплицирање на кандидати од Босна и Херцеговина од каде што дојдоа двајца учесници. Како заклучок, ова е уште една успешна година за Лидер проектот во Македонија. Тимот на Македонија2025 и сите апликанти што не беа дел од обуката, веќе гледаат кон идното издание на обуката градена според МБА програмата на Ричард Ајви.

Македонија2025 сака да им се заблагодари на сите корпоративни партнери и спонзори кои придонесоа кон успешното реализирање на оваа уникатна програма во Република Македонија.

Go back