Македонија 2025 прогнозира: Растот на БДП во КВ.3 2019 ќе биде помеѓу 2,5% и 4,5%

Според последните високо фреквентни индикатори и досега расположливи податоци, предвидуваме умерено забрзување на економскиот раст во третиот квартал од 2019 година, во однос на претходниот квартал.

Проекцијата се должи на следните економски движења во третиот квартал од 2019:

Производна страна:

Индустриско производство:  Индустриското производство забележа солиден раст од 7,8% во периодот јули-август 2019 година, што претставува силен позитивен импулс за растот на БДП во третиот квартал од 2019 година. Како што може да се види на графикон 1, растот е значително повисок од растот во претходниот квартал, што укажува дека забавувањето на германската економија сеуште не се забележува кај податоците за индустриското производство во Република Македонија. Дополнително, квотите поставени од ЕУ за Металната индустрија немаат некое позначително влијание во анализираниот период.  Сепак, ризиците кај индустриското производство се забележителни, а особено податокот дека најголем дел од овој раст доаѓа од Секторот за производство на енергија гас и вода, додека голем број од останатите сектори забележуваат пад.  Дополнително, прометот во индустријата во август забележува пад.

 

Индустријата ќе има солиден позитивен придонес во растот на БДП во третиот квартал од 2019 година.

Трговија: Како што може да се види од графикон 2, трговијата продолжува со високи стапки на раст и во третиот квартал од 2019 година, подржана од порастот на бројот на вработени лица, како и порастот на просечната исплатена плата во Република Македонија. Притоа, ваквите движења во најголем дел се резултат на растот на трговијата на големо, додека трговијата на мало и трговијата со моторни возила забележаа пониски стапки на раст.  Движењата кај трговијата ќе имаат силен позитивен придонес во растот на БДП.

Градежништво: Извршените градежни работи во јули 2019 година забележаа солиден раст од 10%. Земајќи ја во предвид ниската споредбена основа од истиот квартал од претходната 2018 година (градежништвото во 2018 година забележа негативни стапки на раст), очекуваме позитивен придонес на градежништвото во растот на БДП.

Туризам: Кај туризмот во Република Македонија се забележува континуирано намалување на растот на бројот на туристите и ноќевањата. Притоа, стапките на раст се блиску до нулата во периодот јули-август, што упатува на можност придонесот на туризмот во растот на БДП да биде незначителен во третиот квартал од 2019 година.

Расходна страна:

Нето извоз: Извозот и увозот на стоки во периодот јули-август забележаа високи стапки на раст. Притоа, извозот на стоки забележа раст од 14,1%, додека увозот забележа малку помал раст од 13,9% (График 5). Земајќи ја во предвид повисоката основа на увозот, се очекува негативен придонес на нето-извозот врз растот на БДП во третиот квартал од 2019 година.

Лична потрошувачка: Кредитирањето на приватниот сектор во јули и август продолжи да расте, но со забавено темпо. Така, растот во анализираниот период забележа раст од 6,7% што претставува забавување од 2,2 процентни поени во однос на вториот квартал од 2019 година. Порастот на просечната плата во јули од 4,3% како и растот на бруто приходите по основ на ДДВ од 5% во јули и август упатува на позитивен придонес на личната потрошувачка врз растот на БДП.

Бруто инвестиции: Кај бруто-инвестициите очекуваме позитивен придонес, пред се заради ниската основа од минатата година. Дополнително, се забележува висок раст на увоз на машини и опрема, како и на извршените градежни работи. Надолен ризик претстава ниското ниво на капитални инвестиции реализирани во буџетот на Република Северна Македонија.