Врз основа на достапните индикатори за македонската економија, проценките на Македонија 2025 покажуваат забавување на растот на економијата во вториот квартал на 2019 година.

Ваквата проекција се базира на следните економски движења во к2 2019 година:

Индустрија: Индустриското производство во к2 2019 година забележа низок раст од 1,3%. Како што покажува Графикон 1, овој раст претставува значително забавување на трендот од претходните квартали.  Ваквите движења се главно резултат на два фактори: Увозните квоти кои ги воведе Брисел за челичната индустрија, кои ќе ги погодат и македонските извозници, како и негативниот раст на автомобилската индустрија во Германија – најголемиот трговски партнер на Македонија.

Индустријата ќе има среден позитивен ефект врз растот на економијата во к2 2019.

Трговија: Трговската размена со странство е силна и во к2 2019 година, со просечна годишна стапка на раст од 13,9%. Овој силен раст на трговијата е резултат на високиот раст на трговијата на големо, додека пак растот на трговијата на мало и на моторните возила успорува.

Трговијата ќе има силен позитивен ефект врз растот на економијата во к2 2019.

Кредитирање на приватниот сектор: Силната потрошувачка и трговија се поттикнати и од високиот раст на кредитирањето на привантиот сектор. Имено, во к2 2019 година, растот на кредитирањето изнесува 8,4%, што е силен раст во споредба со изминатите квартали (Графикон 3).

Градежништво: Обемот на завршени градежни работи покажува значителен пад во к2 2019 година (График 4). Ова е индиректен индикатор за ниски инвестиции во овој квартал.

 

Туризам: Бројот на посети на туристи и ноќевања во к2 2019 забележа позитивен раст од 5% за број на туристи и 2,9% за ноќевања. Иако овој раст е значително поголем во однос на к1 2019, сепак е доста низок во споредба со изминатито период (Графикон 6).

Туризмот ќе има позитивен придонес кон растот на економијата во к2 2019 година.

Потрошувачка: Силниот раст на извозот и увозот во к2 2019 година упатува дека нето извозот ќе има позитивен ефект врз растот на БДП. Потрошувачката на домаќинствата, исто така, ќе влијае позитивно врз растот на економијата. Според достапните податоци, јавната потрошувачка (ниските капитални инвестиции) и приватните инвестиции ќе го намалат економскиот раст.