Македонија 2025 прогнозира: Растот на БДП во кв.1-2020 ќе биде помеѓу 2,0% и 4,0%

Според последните високо фреквентни индикатори и досега расположливите податоци, предвидуваме умерено забавување на економскиот раст во првиот квартал од 2020 година.

Проекцијата се должи на следните економски движења во првиот квартал од 2020:

Производна страна:

 

Индустриско производство: По падот во последниот квартал од 2019 година,  индустриското производство забележува низок раст од 1,9% во првите два месеци од 2020 година. Ваквото движење преставува позитивен импулс за растот на БДП во анализираниот период. Подеталната анализа упатува дека нискиот раст во најголем дел се должи на падот кај Секторот  Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (заради ниската хидро-состојба во Македонија), додека рударството и преработувачката индустрија забележуваат солиден раст (8,6% и 5,6% соодветно). Ризиците кај индустриското производство се зголемуваат имајќи го во предвид забавувањето на глобалната економија, а особено забавувањето кај нашиот најголем трговски партнер – Германија. Поголемо намалување на индустриското производство се очекува во третиот месец од 2020 година.

Податоците за индустриското производство укажуваат дека индустријата ќе има умерен позитивен придонес во растот на БДП во првиот квартал од 2020 година.

Графикон број 1

Извор: Државен завод за статистикa

Трговија: Како што може да се види од графиконот со број 2, високите позитивни стапки на раст од претходниот период, веќе не се присутни во првиот квартал од 2020 година. Вкупната трговија забележува пад од 12% во периодот јануари-февруари 2020 година, пришто, падот се должи на високото намалување кај трговијата на големо. Истовремено, трговијата на мало забележува солидна стака на раст, додека стапката на раст кај трговијата со моторни возила забележува скромен пораст од 3%. Движењата кај трговијата на мало засега се во согласност со податоците во буџетот, каде се забележуваат повисоки прилив од наплата на Данок на додадена вредност. Меѓутоа, имајќи во предвид дека во март кризата со корона вирусот (Ковид-19) длабоко навлезе во македонската економија, се очекува дополнително влошување и поголем пад кај трговијата во првиот квартал од 2020 година. Движењата кај трговијата ќе имаат силен негативен придонес во растот на БДП.

Графикон број 2

Извор: Државен завод за статистика

 

 

Градежништво: Извршените градежни работи во јануари 2020 година забележаа висок раст од 30%. Благата зима, како и умереното интензивирање на градежните активности од страна на Владата на Република Македонија, покажуваат позитивно влијание врз градежништвото во Република Македонија. Сепак ниската реализација на капиталните инвестиции во јануари и февруари 2020 година (иако номинално повисока од мината година) упатува на позитивен придонес на градежништвото во првиот квартал од 2020 година.

Графикон број 3

Извор: Државен завод за статистика

 

 

Туризам: Како што може да се види од графиконот со број 4, туризмот во првите два месеци од 2020 година продолжи да забележува солидни стапки на раст. Притоа, растот на бројот на туристи изнесува 10,5%, додека растот на ноќевања забележува солиден раст од 5,1%. Ваквиот позитивен резултат се очекува значително да се влоши кога Државниот завод за статистика ќе ги објави податоците март, имајќи го во предвид затворањето на надворешните граници. Ваквите движења, надополнети со солидниот раст на прометот во угостителството (во првите два месеци, со очекување за голем пад во март 2020 година) упатува на можност придонесот на туризмот во растот на БДП да биде умерено позитиен во првиот квартал од 2020 година.

Графикон број 4

Извор: Државен завод за статистика

 

 

Расходна страна:

 

Надворешно-трговска размена: Извозот на стоки во првите два месеци од 2020 година забележа раст од скромни 3,4%, додека увозот на стоки забележа нешто повисока стапка на раст од 4,9%. Ваквите податоци го рефлектираат забавувањето на економијата на нашиот најголем трговски партнер – Германија. Слични се и движењата кај количинските износи. Земајќи ги во предвид ваквите движења, како и очекувањата дека во март ќе се забележи драстичен пад кај извозот, а најверојатно поголем пад и на увозот, се очекува умерен негативен придонес на нето-извозот врз растот на БДП во првиот квартал од 2020 година.

Графикон број 5

Извор: Државен завод за статистика

 

Лична потрошувачка: Кредитирањето на приватниот сектор во првите два месеца од 2020 година продолжи да расте. Порастот на просечната плати (12,3% во јануари) како и растот на бруто приходите по основ на ДДВ упатува на позитивен придонес на личната потрошувачка врз растот на БДП. Сепак, влошување се очекува во последниот месец од првиот квартал во 2020 година.

Бруто инвестиции: Движењата кај бруто-инвестициите се очекува да забележат позитивен придонес во првиот квартал од 2020 година. Основни причини за ваквите очекувања се растот на градежништвото поддржано со номинално повисоки капитални инвестиции финансирани преку буџетот на Република Македонија, како и сеуште високиот раст на увоз на машини и опрема. Надолен ризик претстават движењата во март, кога всушност и увозот на машини и опрема драстично ќе забави.

Графикон број 6

Извор: Државен завод за статистика