Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти „Таленти денес – лидери утре“ овозможува развој на младите преку менторство, обуки, пракса и учество на меѓународни натпревари
Скопје, 22.05.2019 – Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти „Таленти денес – лидери утре“ на меѓународната невладина организација Македонија 2025 им додели 10 стипендии на талентирани млади за тековната 2019 година. Стипендирањето на десетте средношколци и студенти им овозможува континуиран развој на талентот и вештините преку менторство, учество на меѓународни натпревари, обуки, како и пракса во истакнати компании. Стипендиите се обезбедени преку донации и соработка со корпоративните и индивидуални партнери на организацијата Македонија 2025.
„Ни претставува задоволство што Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти обезбеди средства да им помогне на талентирани млади од земјата во периодот 2019-2022. На овој начин, нашата организација активно придонесува кон развојот на инклузивно општество и ги поддржува младите во државата да ги остварат своите целосни професионални и лични потенцијали. Овие млади лица се нашата иднина и наши вистински амбасадори низ светот.“ – изјави проф. д-р. Никица Мојсоска Блажевски, Главен извршен директор на Македонија2025.
Еден од минатогодишните стипендисти на Фондот, Давид Лазароски, кој е студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, вели дека токму ваквиот тип на помош е она што им е потребно на младите во земјата. Преку Фондот, тој учествуваше на регионалниот научно-спортски натпревар „Приматијада 2019“ во Бугарија, каде го освои првото место и успешно ги надгради своите вештини од областа на природните науки.
„Оваа благотворна активност на Фондот на Македонија 2025 е навистина значајна затоа што на младите им овозможува развој на талентот преку работа во реалниот сектор и стекнување важни искуства, а паралелно со тоа им отвора можности да се споредат и натпреваруваат со своите врсници надвор од државата. Така се градат вистинските идни лидери“, истакна , Ангелка Пеева Лауренчиќ копретседавач на донаторскиот настан на кој беа собрани дел од средствата за стипендирање.
Ова е само една од иницијативите преку кои Македонија2025 ја остварува својата мисија – поддршка на економскиот развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните. На настанот им беа врачени и признанија на компаниите и индивидуалните донатори на Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти „Таленти денес – лидери утре“.