Потекло
Моето име е Марко, се презивам Инѓилизов. Роден сум и живеам во Велес, за мене омилениот град, најмногу бидејќи го чувствувам како свој. Имам 16 години и учам во СОУ,,Гимназија Кочо Рацин”-Велес. Учењето го гледам како најголем предизвик, од причина што секојдневното примање на информации дава огромна задача истите да се селектираат, запомнат и применуваат. Низ своето минато сум поминал низ различните убавини на природните и општествените науки. Иако мојата желба и вистински домен се општествените, сметам дека неопходно е за секој кој ги проучува општествените науки да има одлично познавање од природните. Комбинацијата од двете ја дава совршената слика на моментална ситуација во нашето општество за кое имаме задача да го подобриме со сите средства кои ни стојат на располагање.
Успешна приказна
Иако имам обичај да не говорам за моите лични постигнувања често, од етички причини, сметам дека во моментов вреди да се спомне за и оние кои не ме познаваат да ја добијат вистинската слика. Почнав како многу млад да говорам јавно за сите предизвици со кои се соочуваме. Некои ми велеа дека молчењето е злато, но јас бев и се’ уште сум убеден дека молчењето е злото. Во основното образование воглавно се натпреварував во областа на природните науки каде имам освоено многу државни и меѓународни награди. Физика, географија, хемија, биологија, математика, македонски јазик беа само дел од дисциплините во кои ги покажав моите вештини и способности. Во средно образование, каде и во моментов сум, воглавно се насочувам кон мојот интерес, а тоа се општествените науки. Дебата, право, економија, јавно говорење, филозофија, се само дел од моите сегашни интереси. Во однос на наградите, се издвојува вицешампионскиот престиж на Европскиот квиз на парите заедно со мојата партнерка Викторија, во конкуренција на 28 европски држави. Пак ќе се навратам и ќе останам на своето, наградите се само белег на успешноста, приказната ја отсликува самиот човек со неговата појава, а пред се човечност. Во однос на иднината и на идните планови, размислувам многу претпазливо и чекор по чекор. И воопшто, а посебно за овој дел не носам избрзани одлуки, промисленоста и проверката е одлика на сигурноста. Моето образование би сакал да го продолжам надвор од татковината, но со сигурност целокупното знаење кое ќе го стекнам ќе го пренесам овде, за да ја направам промената и да го остварам она на кое се обврзав-да го подобрам нашето општество, каде што сум роден, живеам и кое какво и да е ме научи на се она кое сум денес и на кое се гордеам.
Македонија2025/ Возвраќање кон татковината
Македонија2025 и јас сметам дека е вистинската комбинација и пред се симбиоза. Поврзан сум со организација која комплетно ги отсликува моите аспирации, визии, цели и планови. Голема е одговорноста да се вложува и работи со младите, но тоа е вистинската инвестиција кон иднината. Младите се репрезенти на она што ни следува и апсолутно со полно право можеме да си дозволиме да ги поддржиме максимално. Економскиот и лидерскиот развој се клучна предиспозиција за еден човек и едно општество. Уште повеќе ми се допаѓа што осврнатоста е во различни области и не е централизирана. А пред и над се, враќањето кон татковината. Јасно му е секому во која ситуација се наоѓа нашето општество. Во многу ситуации сме биле ставени на тест преку кој би ја покажале нашата смелост, истрајност и способност. Секој треба да сфати дека нема да се подобриме со зборови туку со дела. Мал влог од секој претставува голема добивка за сите. Колку побрзо сфатиме, толку побрзо ќе успееме.