Неколку години по воведување на Матрицата за следење на економскиот напредок, во 2020 година спроведовме процес на ревизија со цел истата да се направи уште порелевантна во тековниот глобален и домашен економски и општествен контекст, како и во согласност со посакуваната иднина на земјата (главно, пристапувањето кон ЕУ). Ревизијата се состоеше од два главни процеси: i) внимателна ревизија на користените индикатори за економски раст, притоа стремејќи се кон што пократок можен список на индикатори и зачувување на едноставноста, и ii) утврдување на вистинските земји за споредба. Процесот беше спроведен од страна на Комитетот за раст на Македонија2025, во кој учествуваат врвни домашни и странски експерти. Беа направени мали промени во индикаторите за да се одрази промената во економската и општествената средина и клучните области каде се потребни зголемен фокус и подобрување. Во однос на сродните земји, изготвена е ранг-листа на 19 земји, кои се користат како појдовна точка за проценка на напредокот на земјата.
Македонската економија покажа скромни резултати во к1-2020 година, мерено според главните макроекономски индикатори, како што се бруто домашниот производ (БДП), пазарот на труд, надворешната трговија и тн.
Бруто домашен производ
Растот на БДП во к1-2020 изнесуваше 0,2% во споредба cо истиот квартал минатата година (График 1). Согледувајќи ги досега достапните податоци, и здравствените и економските последици од корона кризата, се очекува дека негативните ефекти од кризата ќе бидат најсилни во вториот квартал на годината, а процесот на заздравување на економијата ќе трае долго.
График 1: Реален раст на БДП, квартални податоци за 2019 – 2020
Извор: Државен завод за статистика на Северна Македонија
Пазар на труд (15 до 64 год.)
Податоците за пазарот на труд покажуваат позитивни движења во к1 2020. Стапката на вработеност се зголеми во однос на истиот период од 2019 достигнувајќи 55,6 проценти, иако забележа мало опаѓање во однос на к4 2019 (График 2). Невработеноста го продолжи трендот на намалување, спуштајќи се на 16,4% за првиот квартал од 2020 (од 18,1%, истиот квартал од претходната година). Но, согледувајќи ги движењата во македонската економија во вториот квартал од 2020, овие податоци очекуваме да подлежат на негативни промени.
График 2: Стапки на невработеност, квартални
Извор: Државен завод за статистика на Северна Македонија
Надворешна трговија
Вкупната надворешна трговија во к1 2020 година се намали за 5.6% во однос на истиот период минатата година. Негативните движења се почувствуваа и кај извозот и кај увозот. По забележаниот солиден раст на извозот во целокупниот период на набљудување (2016-2019 година), забележуваме намалување на извозните параметри во последните два квартали, имено к4 2019 и к1 2020 година. Намалениот извоз се должи на негативни движења и на страната на понудата и побарувачката. Имено, во к1 2020 компаниите најпрво се соочија со недостиг на одредени суровини кои се увезуваа од Кина, што го намали нивното производство и извоз. Но веќе во втората половина на март (а особено во април) дојде до намалување и на побарувачката, и домашна и во странство и, следствено, намален извоз. Економските рестрикции во речиси сите земји (и нашите најголеми трговски партнери), забавениот проток на стоки и услуги, забраните за патување и тн. силно се одразија врз надворешно-трговската размена (а особено во месеците април и мај). Во овој период, увозот исто така се намали, за 3.6% во однос на к1 2019 година.
График 3: Стапка на раст на извозот, квартални податоци 2016 – 2020
Извор: Државен завод за статистика на Северна Македонија
СДИ – Странски Директни Инвестиции
Вкупните приливи од СДИ во к1 2020 изнесуваа €132.7 милиони. Тоа е сепак околу трикратно повисоко ниво во однос на к1 2019 година, иако претставува значајно намалување во споредба со приливите од претходниот квартал. Со оглед на целата економско-здравствена ситуација се очекува дека приливите во к2 2020 ќе бележат опаѓање.
График 4: Приливи на Странски Директни Инвестиции (еур милиони), квартални податоци 2017 – 2020
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија
Во прилог е деталната Матрица за мерење на економскиот напредок, со најнови достапни податоци.