Иако започна како здравствена криза, далеку од Европа и од Македонија, Ковид-19 набрзо прерасна и во економска криза на глобално ниво. Берзите крахираа, цената на нафтата вртоглаво опадна, производството замре, се затвараат фабрики и продавници, работниците се испраќаат на принуден одмор. Кризата штотуку почна, а компаниите веќе се во загуби и во голема неизвесност за иднината. Трговијата во светот опаѓа, многу држави ги затворија границите за странски државјани, а се прават обиди да нема големи задоцнувања во протокот на стоки.

Иако сѐ уште е тешко да се оцени какви ефекти ќе има кризата врз економијата, сосема е јансо дека ќе бидат неопходни големи интервенции од страна на владите за задржување на барем одредено ниво на економска активност, избегнување на масовни отпуштања на работници и удар врз социјалните системи.

И Владата на Република Македонија презема одредени антикризни мерки како одговор на шоковите врз македонската економија и бизнисите, со фокус кон оние сектори  кои се први и директно на удар на кризата (угостителство, туризам и слично).  Во оваа анализа најпрво ги презентираме мерките кои ги преземаа некои европски земји за намалување на ефектите од кризата, а потоа даваме оценка и препораки за носителите на политиките во Македонија за тоа каков треба да биде „оптималниот” одговор.

Какви економски мерки преземаа земјите членки на ЕУ?

Табела 1 покажува краток опис на мерките кои ги преземаа некои земји на ЕУ заради справување со економската криза предизвикана од Ковид-19. Мерките може да се групираат во 9 групи, прикажани во табелата. Иако податоците можеби не се комплетно целосни, засега најголем пакет на мерки за поддршка е донесен во Германија. Постојат варијации меѓу земјите во однос на тоа кон кои компании се насочени пакетите. Во некои земји фокусот е само на секторите кои најмногу ги погоди кризата (туризам, угостителство итн.), а во некои мерките се насочени кон сите компании/сектори кои имаат или ќе имаат загуби.

Табела 1: Типови на мерки применети во западноевропските земји
Извор: Financial Times, CNN, BBC, CNBC
Извор: Financial Times, CNN, BBC, CNBC
[1] Се пресметува за ставките кои што имаат квантифициран податок во бројки.
[2] Италијанската влада има одделено повеќе од 25 милијарди евра за справување со вирусот, од кои 1.5 милијарди за здравство, 1.5 милијарди на Агенција за заштита на населението, а остатокот од средствата сѐ уште не е распределен, со тенденција да се зголеми поради сериозноста на заразата.
[3] Вкупни расположливи средства од 100 милијарди евра.

Забелешка: Оваа листа не е целосна и исцрпна. Идејата е да се дадат примери за сите видови на интервенција на развиените држави.

Помошта за компаниите во ЕУ е всушност поголема, имајќи предвид дека мерки за поддршка донесоа и Европската комисија (ЕК) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската комисија планира да искористи 37 милијарди евра од своите фондови за да помогне во намалувањето на ефектите од вирусот во земјите членки на ЕУ. Исто така, ЕУ ќе гарантира за заеми и кредити на компании во вредност од 8 милијарди евра за да го поддржат корпоративниот сектор. Вкупната помош од ЕУ институциите по основ на Гаранции за заеми и поддршка на претпријатијата и другите поддржувачки механизми ќе изнесува 1 трилион долари т.е. 5% од БДП на ЕУ. Додатни 750 милијарди евра се обезбедени од ЕЦБ за откуп на државни и приватни хартии од вредност, за да се ублажат ефектите од негативните економски ефекти од појавата на вирусот.

Дополнителна мерка во Хрватска е (иако сѐ уште е само предлог) е воведување на т.н. стенд-стил (stand-still) аранжман од комерцијалните банки, односно да се суспендираат мерките за присилна наплата против сите должници во период од три месеци, за кое време редовната камата и затезната камата ќе продолжат да се зголемуваат. Дополнителна мерка е можноста за нови заеми за ликвидност и обртни средства до три години.

Опции за економска интервенција во Македонија

Сите мерки претставени погоре може во целост или до одреден степен да се применат и во случајот на Македонија, секако земајќи ги во обѕир специфичните околности на македонското стопанство и население.

По одредени првични проценки пренесени во медиумите, Владата во Македонија најавува дека ќе треба да потроши околу 100 милиони евра за да ја санира штетата настаната од вирусот. Тоа е околу 0,9% од бруто домашниот производ (БДП) (износ на БДП од 2019 г.) и е многу помал износ од средствата кои ги вложуваат останатите земји од Европа за да полесно ја пребродат оваа криза.

Сметаме дека издвоениот износ на финансиската поддршка во првиот пакет на мерки е многу мал: со едноставни пресметки, ако просечен износ на кредитот е 16,500 евра, а вкупната поддршка е 5,7 милиони евра, тогаш значи дека издвоените средства може да опслужат околу 345 компании (во малку поразлична пресметка бројот на компании се искачува до 445 компании). Поддршката за платите треба да се дава од месец април, за месец март а не со почеток на априлските плати (односно, од мај). Инаку, Владата има дефинирано одлични услови за користење на оваа мерка. Помошта треба да се прошири, во помал обем, на компаниите од категориите 2 и 3 (наведени подолу). Мерката за ослободување од аконтациите од данок на добивка е добра, но треба да се прошири и на други сектори (останатите две категории наведени подолу). Од друга страна, предложените намалувања за т.н. парафискални давачки треба да бидат поголеми.