Денеска одржавме виртуелна средба со тројца од финалистите во рамките на јавниот повик за справување со климатски промени О2 Предизвик – 2, кои се добитници на специјалната награда од Македонија2025. Станува збор за следните компании: ЦСП ТЕК – Фотоника (Скопје), Бионовел Плус Доо – Справување со отпад од лушпи од јајца и производство на додатоци во исхрана (Скопје) и Агро Солар – Соларен грејач и прочистувач на воздух (Штип).
„Специјалната награда се состои од бесплатни консултантски услуги од страна на канадски експерти како дел од Битов-програмата за претприемачи на Македонија2025 во соработка со CESO SACO Канада, во важност од две години. Нашата организација има заедничка мисија со СЕЅО, да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании. Консултантите на СЕЅО, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе работат на конкретни предизвици со кои македонските компании се соочуваат секојдневно. Би сакала да напоменам дека од неодамна програмата се реализира виртуелно, поради околностите со пандемијата на Ковид-19. Во зависност од потребите на вашиот бизнис, ваучерот можете да го искористите сега или во некоја подоцнежна фаза на развој. “ – истакна Никица М. Блажевски, Главен извршен директор на Македонија2025.
Александар Димески, Фросина Мешкова и Филип Андоновски изразија огромно задоволство за можноста да се стекнат со врвно менторство од страна на странски експерти кои нудат една поинаква перспектива за развој на домашните бизниси.
Покрај освоената специјална награда, тројцата финалисти ќе можат бесплатно да се регистираат на онлајн платформа за поврзување на македонските бизниси со експерти од дијаспората, наречена Connect2MK, која ќе стартува наскоро.
Фондот за иновации и технолошки развој О2 Предизвик-2 го реализира во соработка со Програмата за развој на ОН, УНДП, Министерството за надворешни работи на државата Израел, Министерство за животна средина и просторно планирање на С.Македонија, како и две партнер организации Кајама Центарот за одржлив дизајн од Израел и организацијата Македонија2025.