Претставници на Ротари Клуб Скопје Центар остварија неформална средба со дел од стипендистите на Добротворниот фонд за поддршка на талентирани млади „Таленти денес – Лидери утре“, основан од Македонија2025. На средбата, талентираните средношколци и студенти имаа можност да ги претстават своите образовани достигнувања, иновативните бизнис идеи, како и постигнатите успеси од учество на државни и меѓународни натпревари.
„Би сакала да изразам огромна благодарност до сите членови на Ротари Клуб Скопје Центар за целокупната поддршка и придонес кон Добротворниот Фонд за поддршка на талентирани млади. Сметаме дека оваа средба е одлична можност за меѓусебно запознавање и поврзување на потребите на бизнис секторот со вештините на овие млади талентирани лица. Се надеваме дека ќе произлезат многу успешни соработки.“ – посочи проф. д-р. Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.
Членовите на Ротари Клуб Скопје Центар го изразија своето воодушевување и понудија простор за понатамошна соработка во вид на менторство, пракса, како и друг вид на поддршка за целосна реализација на нивниот личен и професионален потенцијал.
Ќе следуваат уште средби и настани од ваков тип, со цел зголемена активност во насока на развој на талентираните млади и заеднички придонес кон создавање на инклузивно општество, кое ги поддржува младите во државата.