Согласно одредбите и насоките на Министерството за здравство, го одложуваме Менторскиот настан „Климатски промени и чист воздух“, како еден од партнерите на „О2 ПРЕДИЗВИК 2 – Справување со климатски промени“. Досега пристигнатите апликации ќе бидат разгледани и земени предвид.
Истражување на јавното мислење спроведено од Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП и Министерството за животната средина покажува дека македонските граѓани во климатските промени гледаат како трета најсериозна закана за општеството, но тие сѐ уште немаат доволно знаење за адаптацијата на климатските промени. Министерството за животна средина и просторно планирање ги креира политиките поврзани со климатски промени врз основа на емисиите на стакленички гасови, се оценува потенцијалот за нивно намалување или „ублажување на климатските промени” и врз основа на сценаријата за идна промена на климата прави анализи и мерки за адаптација.
Водејќи се од тоа дека климатските промени се глобален проблем, се јавува и потребата од дополнителни напори и внимание за да се промовираат најдобрите практики за адаптација и да се поддржи развојот на конкретни мерки за надминување на овие проблеми преку иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот. За таа цел, Фондот за иновации и технолошки развој го организира вториот „О2 ПРЕДИЗВИК 2“. Во реализацијата на предизвикот ќе се вклучат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Град Скопје, Македонија 2025, Здружението Еко Свест како и други партнерски организации и експерти.
Менторски настан „Климатски промени и чист воздух“
Учесниците на „О2 предизвик 2 – Справување со климатски промени“ ќе добијат можност за менторска помош при подготвување на нивните апликации. За таа цел предвидено е одржување на Менторски настан „Климатски промени и чист воздух“ во организација на Амбасадата на Израел за Република С. Македонија и Македонија 2025.
Сите заинтересирани натпреварувачи на „О2 предизвик 2 – Справување со климатски промени“, со присуство на овој настан ќе имаат можност:
- Да го презентираат својот бизнис концепт или проектна идеја/производ и да добијат индивидуална консултациска и менторска помош од страна на домашни менаџери и бизнис сопственици со искуство во развој на бизнис и промоција на производите на пазарот во земјава и пошироко;
- Да слушнат мотивациски предавања од врвни македонски и странски експерти/претприемачи;
- Да воспостават деловни контакти со израелски старт-апи кои работат во областа на климатските промени и чистиот воздух и имаат искуство во заштита на животната средина.
- Да имаат континуирано менторство со израелски ментори и/или старт-апи кои работат во областа на климатските промени и чистиот воздух и имаат искуство во заштита на животната средина.
Прелиминарната агенда за настанот можете да ја видите ТУКА.
За регистрација на настанот Ве молиме да го пополните формуларот ТУКА.
Предвидени се и специјални награди и тоа:
За три од тимовите кои влегле во фазата на селекција
- Студиско патување во Израел -“Start-up Nation & Mentorship” кое ќе вклучи можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост.
Наградата ќе ја обезбедат: Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел (Kayama, the Center for Sustainable Design in Israel and The Israeli Ministry of Foreign affairs).
За еден или повеќе од тимовите кои влегле во фазата на селекција
- Потпишување на договор за екстензивно партнерство за идно менторирање, консултации или друг тип на услуга за време на имплементацијата на проектот (услуги или трошоци, кои не се обезбедени или поддржани од Фондот). Видот на поддршката ќе биде дизајниран согласно со потребите на корисникот. Наградата ќе ја обезбеди Македонија2025.
Услов за добивање на една од специјалните награди е компанијата да влезе во фаза на финална селекција, а изборот и конечната одлука ја носи институцијата која ја доделува наградата.
Целосниот јавен повик за „О2 предизвик 2 – Справување со климатски промени“ е достапен на следниот линк ОВДЕ.