Македонија2025 потпиша Меморандум за соработка со Институтот за економски и општествени студии (INESS), кој е реномирана невладина и аполитична граѓанска организација во Словачка. Институтот е независна think-tank организација, формирана во 2006 год, го мониторираат функционирањето и финансирањето на јавниот сектор, ги истражуваат ефектите од легислативни измени во полето на економијата, спроведуваат секторски анализи и препораки за економски политики и коментираат тековни економски и социјални прашања.
Заедничката соработка е во сферата на адресирање на можностите и разменување на искуства меѓу Словачка и С. Македонија, со цел да се придонесе кон подобрување на бизнис опкружувањето преку намалување на бирократскиот товар на компаниите и иницирање стимулативни реформи во таа насока. Во наредниот период двете институции ќе воспостават интензивна соработка за споделување на искуства за проектот „Индекс на бирократија“ што се однесува на методологијата, како едноставна и транспарентна квантификација на поговорката „црвена лента“, адаптација на истата и нејзина пресметка во нашата земја, како и давање на препораки за намалување на бирократскиот товар на ММСП. „Индекс на бирократија“ е основан и осмислен од INESS во 2016 година.
За воведување и пресметување на „Индексот на бирократија“ во Македонија, Македонија2025 освои акциски грант од страна на Цивика Мобилитас. Цивика Мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).