На панел-дискусијата „Стручен кадар по мерка на бизнисот“, организирана од Стопанската комора на Македонија, каде учествуваше и нашата главна извршна директорка, проф. д-р. Никица Мојсоска Блажевски, беше заклучено дека клучни се вештините и дека во бизнисот на 21 век не е важно што знаете, туку да знаете да го сработите.
Тромаво образование кое е нефлексибилно кон потребите на бизнисот, неправилна уписна политика во средните училишта и факултетите, недостиг на практиканство и обуки, но и слаб интерес на работодавачите да влијаат учествувајќи во креирање на наставните програми и курикулумите за да се продуцира соодветен кадар, се главните фактори за неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Проблемот дополнително го усложнуваат миграциите и одливот на млади од државата.
„Четвртина од нив, односно 105 илјади млади луѓе на оваа возраст се неактивни, ниту се вклучени во образованието, ниту на пазарот на трудот… Околу половина милион граѓани на земјава се неактивно население и се неискористен резервоар, за кој носителите на политиките воопшто не сакаат да зборуваат, зашто ако тие се активираат на пазарот на труд, невработеноста ќе се зголеми. И си велат – подобро да останат неактивни, отколку да се појават како невработени. Но за работодавачите тие се таргет-група“, рече Мојсовска-Блажевски.