News
Во октомври 2024 година, имав привилегија да бидам дел од Kellogg Executive Development Program, тринеделна програма дизајнирана за извршни лидери, која се одржа на кампусот на Northwestern University, Келог школа за менаџмент во Еванстон, Илиноис.
Осврт на програмата
Програмата надмина сè што очекував – и по содржина и по изведба. Темите беа внимателно селектирани, со фокус на стратешко размислување, организациска трансформација, финансиско планирање, и лидерски вештини. Наставниот кадар беше исклучителен: врвни професори со долгогодишно искуство, кои успеаја теоретските концепти да ги направат применливи преку интерактивни предавања и студии на случај. Најмногу впечаток ми остави иновативниот пристап кон учење – дискусии што овозможија размена на искуства меѓу учесниците, кои доаѓаа од различни индустрии и култури.
Комуникација и влијание на групата
Групата учесници беше импресивна – професионалци од цел свет кои делат слични амбиции и желба за напредок. Комуникацијата и размената на искуства со нив беа подеднакво вредни како и формалниот дел од наставата. Секој од нив придонесе со уникатна перспектива, а заедничките дискусии беа инспиративни и збогатувачки.
Влијание врз личноста и работните навики
Програмата веќе има значајно влијание врз мене, како личност и како лидер. Стратешките теми и темите за лидерство се вистинска вредност, ме поттикна да размислувам поинаку, и да гледам на предизвиците со поинакви методи на решавање. Овие вештини веќе ги применувам во секојдневните работни предизвици, и се надевам дека вредноста од програмата допрва ќе се покаже.
Искуство на кампусот
Кампусот на Kellogg е совршено место за учење и поврзување. Инфраструктурата е модерна и функционална, создадена да го поттикне процесот на учење и размена на идеи. Социјалните активности, заедничките оброци, и времето поминато во неформални средби ги направија овие три недели незаборавни.
Лидерски коучинг
Сесиите за лидерски коучинг беа единствениот Lowlight во целата програма поради слабата структурираност на сесиите.
Препорака за подобрување
Процесот на аплицирање преку Македонија2025 беше добро организиран, и детално водени од вработените во Македонија2025. Логистичката поддршка од програмата беше одлична, но би било корисно да се додадат повеќе можности за поврзување на учесниците со локалната заедница на Келог.
Порака за идните учесници
Ако сте подготвени да излезете од вашата комфорна зона, да стекнете нови перспективи и да се предизвикате себеси да станете подобар лидер, оваа програма е за вас. Искористете ја шансата – инвестирајте во себе, зашто ова искуство ќе го трансформира начинот на кој гледате на бизнисот и на светот околу вас.
Учесник: Костандина Зафировска, Генерален менаџер на ИтЛабс
Related News