Ќе го разгледаме влијанието на воздухот врз здравјето на луѓето и економијата, со оглед на тоа што неговиот квалитет значително се влошува во текот на зимскиот период.

Колку е штетно аерозагадувањето во Македонија?

Аерозагадувањето во Македонија далеку ги надминува меѓународните нивоа на безбедност. Во 2016 година СЗО (Светска здравствена организација) го рангира Скопје како трет најлош град во Европа во однос на загадувањето на воздухот со партикулатна материја (ПМ2.5-честички). Годишниот просек на Скопје за 2016 година изнесуваше 40 μg / m3 (40 микрограми на кубен метар), што е 4 пати поголемо од годишната директива на СЗО (10 μg / m3) и 60 проценти поголемо од македонската официјална норма и европските стандарди (25 μg / m3). Графиконот 1 подолу ги прикажува дневните достигнувања на ПМ2.5-честичките во текот на минатата година за Скопје (Центар), Битола, Тетово и Куманово. Сите четири градови редовно ги надминуваат дневните стандарди на СЗО (25 μg / m3), а зимата е најлошиот период.

Што значи загадување на воздухот со партикулатна материја?

Постојат неколку различни видови на аерозагадување, вклучувајќи јаглероден моноксид, озон, сулфурен диоксид и азот диоксид, но партикулатните материи (ПМ – честици) се најлоши за здравјето на луѓето. Исто така, го имаат постигнато најлошиот рекорд за надминување на стандардите во Македонија. ПМ2.5-честичките се главниот фокус на оваа статија.

ПМ се ситни, течни или цврсти честички суспендирани во воздухот. Партикулатите главно се мерат на два начини: помали од 10 микрометри (ПМ10) и помали од 2,5 микрометри (ПМ2.5). Поради нивната големина, ПМ2.5-честичките се особено опасни. Тие се помали од повеќето бактерии и може да навлезат во белите дробови и крвотокот. Штом навлезат во крвотокот може да предизвикаат и влошат голем број болести, кои подолу се подетално разработени.

Колку е штетно аерозагадувањето за здравјето на луѓето?

Аерозагадувањето со ПМ-честички, секоја година убива околу 4,2 милиони луѓе на глобално ниво, што е повеќе од бројот на луѓе кои умираат од СИДА, маларија и туберкулоза, земени заедно. Загадувањето на воздухот со ПМ-честички во Македонија беше осми, по големина, ризик фактор за смртност на населението во 2016 година и беше поврзано со 7,3 проценти од смртните случаи во таа година. Кога сериозноста на проблемот се проценува според нивото на изложеност со кое се соочува целата популација, аерозагадувањето со ПМ-честички е рангирано повисоко од пушењето цигари односно е поголем ризик за општата популација (вкупна проценка на изложеност 42,5 наспроти 37).

Во однос на очекуваниот животен век, аерозагадувањето со ПМ-честички го намалува очекуваниот животен век во Македонија за 0,81 година. Слика 1 подолу ги покажува болестите поврзани со аерозагадувањето со ПМ-честички. Не претставува никакво изненадување, но Светската здравствена организација (СЗО) вели дека не постои безбедно ниво на загадување на воздухот од партикулатни материи (ПМ-честички).

Слика 1: Болести за кои аерозагадувањето со ПМ-честички е ризик фактор [1] [2]

[1] Apte et al., “Ambient PM2.5 Reduces Global and Regional Life Expectancy,” 547.
[2] Landrigan et al., “The Lancet Commission on Pollution and Health,” 475.

 

Колку е лошо аерозагадувањето за економијата?

Загадувањето на воздухот не е штетно само за луѓето, туку тоа го загрозува и економскиот раст. Аерозагадувањето влијае на економијата преку зголемените медицински трошоци, намалената продуктивност и прераната смрт. Аерозагадувањето наметнува огромни трошоци кои негативно ќе се одразат на сегашниот и иден буџет на Македонија.

Зголемените медицински расходи се особено проблематични за повеќето земји, како Македонија, кои веќе се соочуваат со значително зголемени трошоци од население со забрзан процес на стареење. За земјите со високи примања, дополнителните здравствени трошоци од загадувањето на воздухот се проценуваат на околу 3,5 проценти од БДП – ова веројатно ќе биде повисоко за земјите со пониски приходи, како што е Македонија. 3,5 отсто од македонскиот БДП во 2017 година изнесуваше 397 милиони американски долари.

Аерозагадувањето ја намалува продуктивноста поради ослободување на болните лица и нивните негуватели од работа, но и поради нарушена работна способност. Светската банка проценува дека влијанието на аерозагадувањето врз продуктивноста на една земја со повисок среден приход, како што е Македонија, изнесува околу 0,13 проценти од БДП. Во 2017 година, ова беше 14,7 милиони американски долари за Македонија.

Прераната смрт претставува директен трошок поради изгубените работни часови. Пресметав дека претходно остварениот БДП за 2017 година изнесува околу 18,5 милиони долари или 0,16 проценти од реалниот БДП. Трошокот за предвремена смрт станува многу поголем кога се зема предвид подготвеноста за плаќање (ПЗПл) на поединецот за да ја избегне предвремената смрт. Една неодамнешна студија процени дека трошокот за предвремена смрт од аерозагадувањето со ПМ-честички, во однос на ПЗПл, во Скопје бил помеѓу 570 и 1470 милиони евра во 2012 година. Глобалната студија процени дека ПЗПл на трошокот изнесува околу 8,37 отсто од БДП за земјите со повисок среден приход, како што е Македонија. Во 2017 година, ова би изнесувало околу 723,5 милиони американски долари.

Кои се причините за аерозагадувањето со ПМ-честички во Македонија?

Според неодамнешната студија на Финскиот метеоролошки институт и Министерството за животна средина и просторно планирање, главни извори на ПМ2.5-честички се согорувањето на биомаса (т.е. дрвото) за греење на домовите, прашина од депониите, индустријата и сообраќајот. Спротивно на популарното мислење во Скопје, согорувањето на отпад не се смета за главен извор на загадување на воздухот. Графиконот 2 ја прикажува статистичката пресметка на овие извори користејќи ги резултатите од мерната станица во населбата Карпош во Скопје. Табела 1 детално разработува некои од овие извори.

Табела 1: Извори на ПМ2.5-честички[3]

Извор Главни причини
Домашно греење Горење на дрво, јаглен и нафта. 62 отсто од македонското домаќинство користеле дрво за греење во 2015 година. Важен е квалитетот на дрвото и печките кои се користат за затоплување. Постарите печки и влажните дрва произведуваат многу повеќе честички од модерните печки и правилно подготвените дрва или пелети.
Индустрија Производство на челик (феролегури), производство на цемент и производство на електрична енергија (лигнит се користи во Битола и Осломеј).
Сообраќај Сообраќајот емитува низа загадувачи вклучувајќи ги и ПМ-честичките, јаглерод моноксид и азотни оксиди. Постарите дизел возила се најлошите загадувачи, особено оние со европски емисиони стандарди ЕУРО 0 до 2 (нула е најлошата оценка). Околу половина од регистрираните возила во 2015 година имале европски емисиони стандарди ЕУРО 2 или помалку, додека 10 до 18 проценти имале ЕУРО 0.

 [3] Ministry of Environment and Physical Planning (Macedonia), 15–18.

Каква улога имаат местоположбата и временските услови?

Планинската територија на Македонија го влошува веќе високото ниво на ПМ-честички во воздухот, кои се концентрирани на површината на земјата, особено во зима. Генерално, планините го намалуваат струењето на воздухот во околните долини, со што се спречува расчистувањето на ПМ-честичките. Понатаму, во зимскиот период долините се исполнуваат со ладен воздух кој го подигнува топлиот воздух над долината, кој поради температурните разлики делува како поклопец, заробувајќи го внатре загадувањето и ладниот воздух  (температурна инверзија) (слика 2). Важно е да се напомене дека додека температурната инверзијата го концентрира загадувањето на воздухот, аерозагадувањето во Македонија генерално ги преминува националните и СЗО стандарди дури и во лето.

Слика 2: Температурна инверзија во зимскиот период

Што треба да се направи?

Аерозагадувањето со ПМ-честички ѝ наметнува огромни здравствени и економски трошоци на Македонија. Граѓаните ги плаќаат трошоците со своето здравје и живот, додека економијата ги трпи последиците од загубената продуктивност и зголемените медицински трошоци. Владата го призна ова и со меѓународна помош го подобри мониторингот и разви национални и локални стратегии за намалување на аерозагадувањето. Имаше дури и амбициозна најава за отстранување на дрво, нафта и јаглен како начини за затоплување на домаќинствата.

Во следната статија ќе разгледаме што се презема во Македонија, а што се презема во светот. Аерозагадувањето е глобален проблем од кој треба многу да научиме. Дури и градовите во развиениот свет кои генерално имаат пониски нивоа на ПМ2.5-честички(Лондон 12 μg / m3, Париз 16 μg / m3, Њујорк 9 μg / 3, Берлин 16 μg / m3 и Токио 17 μg / m3) имаат одредени населби кои ги преминуваат стандардите на СЗО. Осврнувајќи се на сериозноста на проблемот, на 30-ти октомври СЗО ја одржа својата прва глобална конференција за аерозагадувањето и зачувување на здравјето.

 

Извори:

Anttila, Pia, Aneta Stefanovska, Aleksandra Nestorovska-Krsteska, Ljupco Grozdanovski, Igor Atanasov, Nikola Golubov, Pece Ristevski, Martina Toceva, Sari Lappi, and Jari Walden. “Characterisation of Extreme Air Pollution Episodes in an Urban Valley in the Balkan Peninsula.” Air Quality, Atmosphere & Health 9, no. 2 (March 1, 2016): 129–41. https://doi.org/10.1007/s11869-015-0326-7.

Apte, Joshua S., Michael Brauer, Aaron J. Cohen, Majid Ezzati, and C. Arden Pope. “Ambient PM2.5 Reduces Global and Regional Life Expectancy.” Environmental Science & Technology Letters 5, no. 9 (September 11, 2018): 546–51. https://doi.org/10.1021/acs.estlett.8b00360.

European Commision. “Standards – Air Quality – Environment – European Commission.” Accessed October 23, 2018. http://ec.europa.eu/environment/air/quality/standards.htm.

Landrigan, Philip J, Richard Fuller, Nereus J R Acosta, Olusoji Adeyi, Robert Arnold, Niladri (Nil) Basu, Abdoulaye Bibi Baldé, et al. “The Lancet Commission on Pollution and Health.” The Lancet 391, no. 10119 (February 2018): 462–512. https://doi.org/10.1016/S0140-6736(17)32345-0.

Martinez, Gerardo, Joseph Spadaro, Dimitris Chapizanis, Vladimir Kendrovski, Mihail Kochubovski, and Pierpaolo Mudu. “Health Impacts and Economic Costs of Air Pollution in the Metropolitan Area of Skopje.” International Journal of Environmental Research and Public Health 15, no. 4 (March 29, 2018): 626. https://doi.org/10.3390/ijerph15040626.

Ministry of environment and physical planning. “Macedonian Air Quality Assessment Report for The Period 2005–2015,” 2017.

The Institute for Health Metrics and Evaluation. “Global Health Data: Global Burden of Disease (GBD) Compare Tool,” 2016. The Institute for Health Metrics and Evaluation.

US EPA, OAR. “Particulate Matter (PM) Basics.” Overviews and Factsheets. US EPA, April 19, 2016. https://www.epa.gov/pm-pollution/particulate-matter-pm-basics.

WHO. “WHO Global Ambient Air Quality Database (Update 2018),” 2018. http://www.who.int/airpollution/data/cities/en/.