Follow Us

Успешна приказна за стипендист: Јован Најдановски – Иновации, лидерство и извонредност во СТЕМ

Преку Фондот за поддршка на талентирани средношколци „Таленти денес – лидери утре“, Македонија2025 ги поддржува младите кои покажуваат исклучителен потенцијал, лидерство и посветеност кон личниот и академскиот развој.

Еден од овие инспиративни стипендисти е Јован Најдановски, матурант во СТОУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, насока Електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Со силна пасија за математика, програмирање и технологија, Јован има изградено импресивно портфолио на достигнувања кои комбинираат академска извонредност, иновации, претприемништво и општествен ангажман.

Пасија за математика, програмирање и технологија

Интересот на Јован за математиката и програмирањето започнал уште во основно училиште, каде брзо се издвоил со својата посветеност и аналитичко размислување. Денес, тој е препознаен како еден од најуспешните ученици од својата генерација, со активно учество на бројни државни и регионални натпревари, STEM обуки и меѓународни проекти. Меѓу неговите позначајни достигнувања се:

  • Прво место - литературен есеј на конкурс организиран од НБРМ и Министерство за финансии по повод Светскиот ден на штедењето

  • Награда „ГалеТехнии“ во чест на проф. Киро Галевски за извонредност во математиката

  • Трето место - Регионален натпревар по математика

  • Учество на Државен натпревар по математика и Регионален натпревар по информатика

  • Признание „Ученик на генерација“ во неговото училиште

Иновации преку претприемништво

Претприемачкиот дух на Јован особено се истакна преку ученичката компанија DoneRight, развиена во рамки на програмата Junior Achievement Macedonia. Заедно со својот тим, работеше на иновативна идеја за веб-платформа која им донесе второ место на Националниот натпревар за ученички компании Проектот се издвојуваше по професионалноста, креативноста и практичниот бизнис-пристап, покажувајќи ја способноста на Јован да ги комбинира техничките знаења со иновации и тимска работа. Дополнително, Јован успешно ја заврши ESP (Entrepreneurial Skills Pass) сертификацијата, со што ги потврди своите знаења во областа на претприемништвото, економијата, менаџментот и бизнис-планирањето.

Меѓународно искуство и младинско лидерство

Во текот на годината, Јован активно учествуваше на повеќе меѓународни младински размени и образовни иницијативи. Како дел од Erasmus+ проектот „MOVIEUMAKERS“ во Варна, Бугарија, соработуваше со учесници од неколку европски држави на теми поврзани со дигитално раскажување приказни, филмска продукција и европски вредности. Подоцна, учествуваше и на Erasmus+ младинската размена „Future in Our Hands“ – Анкара, Турција. Проектот беше посветен на демократијата, вештачката интелигенција, здравите животни навики и активното граѓанско учество. Во рамки на настанот, Јован учествуваше на работилници, дебати и активности поврзани со AI, каде што победи и на специјален квиз натпревар за вештачка интелигенција, освојувајќи дополнителен сертификат за својот успех.

Континуирано учење и технички развој

Јован постојано инвестира во развојот на своите технички и професионални вештини. Меѓу програмите и обуките кои успешно ги завршил се:

• Курс за Python + AI програмирање во SEMOS Едукација, каде изработи Full Stack апликација како финален проект

• Обука за Software Development Life Cycle организирана од IWConnect и American Corner Bitola

• Курсеви по германски јазик – нивоа B1.1 и B1.2

• Учество на меѓународниот информатички натпревар „Дабар 2025“

Овие искуства дополнително ги зајакнаа неговите знаења во програмирањето, развојот на софтвер, логичкото размислување и дигиталните технологии.

Математиката како основа за извонредност

Математиката останува една од најголемите пасии и академски фокуси на Јован. Во текот на учебната година, тој учествуваше на:

📍 Општински натпревар по математика

📍 Регионален натпревар по математика - освојувајќи трето место

📍 Државен натпревар по математика организиран од Сојузот на математичари на Македонија

Тој беше препознаен и како млад математички талент за време на одбележувањето на Денот на бројот Пи на Техничкиот факултет во Битола, каде доби специјално признание за своите достигнувања и посветеност кон математиката.

Лидерство, општествена одговорност и личен развој

Покрај STEM областа, Јован е активно вклучен и во иницијативи кои промовираат младинско учество и општествена одговорност. Како ученик правобранител и член на Училишниот одбор, организираше работилници посветени на детските права и ученичките обврски за помладите ученици во своето училиште.

Тој учествуваше и во еколошки и граѓански иницијативи, меѓу кои:

  • Еколошка работилница „Преспа низ очите на младите“

  • Национален проект „Холокаустот низ призмата на детските очи“

  • Литературни и поетски конкурси кои промовираат општествена свест и ненасилство

Менторство и визија за иднината

Преку платформата MK2025 Mentor, Јован работеше со менторите Драган Шахпаски и Тања Милишковиќ Митиќ, фокусирајќи се на лидерство, кариерно планирање, носење одлуки и личен развој. Менторските сесии му помогнаа дополнително да ја зајакне својата самодоверба, да дефинира појасни професионални цели и да развие начин на размислување потребен за идниот академски и професионален успех.

„Да се биде дел од програмата „Таленти денес – лидери утре“ ме охрабри со поголема самодоверба да ги следам моите академски, претприемачки и лични цели. Поддршката преку стипендијата и менторството ми помогна да развијам поширока перспектива за лидерството, одговорноста и идните можности. Преку ова искуство научив дека успехот не се мери само преку достигнувањата, туку и преку позитивното влијание што го создаваме за другите. Благодарен сум на Македонија2025 што инвестира во младите и нивниот потенцијал.“ изјави Јован.

Поглед кон иднината

Гледајќи кон иднината, Јован останува фокусиран на комбинирање на своите силни страни во математиката, програмирањето, автоматиката и иновациите. Неговата цел е да продолжи да се развива во областите на компјутерските науки, софтверското инженерство, вештачката интелигенција и претприемништвото, користејќи ги знаењето и искуството стекнати преку натпревари, обуки, меѓународни размени и менторство за создавање значајни решенија. Со својата дисциплина, љубопитност и силна мотивација за континуирано учење, Јован гради јасен пат кон тоа да стане иден инженер и иноватор кој ќе придонесува за својата заедница и пошироко.

Приказната на Јован е моќен пример за тоа како талентот, дисциплината и љубопитноста можат да ги обликуваат лидерите и иноваторите на утрешнината.