Стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ за редовни студенти запишани во прв циклус студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во академската 2026/2027 година
Фондацијата „Атанас Близнакоф“ објавува повик за доделување стипендии за студентска извонредност за редовни студенти запишани во прв циклус студии на студиските програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), во академската 2026-2027 година. Овој Отворен повик е структуриран во два дела:
Дел I – 40 стипендии за студентска извонредност, наменети за редовни студенти запишани на прв циклус студии на сите факултети при УКИМ;
Дел II – 10 стипендии за студентска извонредност, наменети за редовни студенти кои ќе се запишат на точно определени факултети при УКИМ, и тоа на:
- Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје;
- Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“;
- Природно-математичкиот факултет во Скопје;
- Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје;
- Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје.
Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои се запишани на прв циклус студии на сите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), кои постигнале исклучителни резултати и успех во претходниот циклус на образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но немаат доволно материјални средства за продолжување на сопственото образование.
Општи услови за кандидатите
Право да конкурираат имаат ученици/кандидати кои:
- се запишуваат како редовни студенти во прва година на првиот циклус студии при УКИМ*;
- завршиле средно образование со постигнат просечен успех од најмалку 4,0;
- вкупниот годишен бруто приход на семејството (родители/старатели и кандидатот) остварен во 2025 година по сите основи да не го надминува максималниот вредносен праг**;
- се државјани на Република Северна Македонија;
- не се корисници на стипендии од други институции, организации и фирми повисоки од 6.000 денари месечно.
* За да аплицирате за Стипендијата за студентска извонредност на Фондацијата „Атанас Близнаков“, не е потребно во моментот на аплицирање да бидете запишани на УКИМ.
Потврдата за редовен студент на УКИМ се доставува накнадно, само доколку станете добитник на стипендијата. Со оваа потврда ќе го докажете правото на користење на стипендијата.
** На Јавниот повик можат да аплицираат кандидати чии семејни приходи го надминуваат максималниот вредносен праг, односно утврдената вредност од две минимални бруто плати од претходната година, но при бодувањето, максималниот број бодови се доделува за најниско ниво на семејни приходи, односно за вредносен праг еднаков на нула. Со зголемување на вкупниот семеен приход, бројот на бодови се намалува, при што за вредност еднаква на максималниот вредносен праг се добива нула, а за сите износи што го надминуваат максималниот вредносен праг се добиваат негативни бодови.
Максимален вредносен праг – претставува утврдената гранична вредност на вкупниот годишен бруто приход на семејството (родители/старатели и кандидатот) остварен во претходната календарска година по сите основи, која по правило е износ еднаков на две минимални бруто плати за претходната година. За 2025 година максималниот вредносен праг е еднаков на 864.888 денари.
Висина на стипендијата
Висината на стипендијата изнесува 2.500,00 (две илјади и петстотини) американски долари годишно и се исплатува еднаш годишно, на почетокот на студиската година, најчесто во октомври. Исплатата на стипендијата се врши во денарска противвредност, на трансакциска сметка на корисникот на стипендијата.
Потребни документи за аплицирање за стипендија се:
* Сите кандидати, без разлика дали аплицираат за стипендиите од Дел I или Дел II, треба да ги достават истите документи.
Потребни документи за аплицирање за стипендија се:
- Уверение за државјанство на Република Северна Македонија, издадено од Министерството за внатрешни работи;
- Уверение/потврда од УЈП за остварени приходи по разни основи за 2025 година, за родителите/старателите на кандидатот поединечно и за самиот кандидат;
- Доколку некој од родителите/старателите остварува приход во странство, кандидатот е должен да достави релевантен документ како доказ за приходот издаден од надлежна институција во матичната земја каде што се остварува тој приход. Доколку приходот е во странска валута, пресметката се врши во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на денот на издавање на документот;
- Доколку некој од другите членови на потесното семејство (на пример: брат, сестра, баба или дедо) самостојно остварува приход, тој/таа не треба да биде вклучен/а во вкупниот број на членови на семејството;
- Доколку потврдата од УЈП покажува 0 приходи по сите основи, а родителот/старателот е невработено лице, задолжително се доставува потврда за невработеност издадена од Агенцијата за вработување на Република Македонија.
- Доколку потврдата издадена од Управата за јавни приходи (УЈП) покажува 0 (нула) приходи по основ на плата, а има приходи од самостојна дејност и имајќи предвид дека овој документ не содржи информација дали лицето е регистрирано како вршител на самостојна дејност и какава самостојна дејност – трговец поединец, адвокат, доктор со приватна здравствена установа или друг облик на економска активност – потребно е да се достави дополнителна потврда од соодветното правно лице со која се докажува дејноста што лицето ја извршува. Потврдата се доставува дополнително доколку администраторите увидат дека нема потврда за невработеност, а има дополнителни приходи од самостојна дејност.
- Изјава од кандидатот за морална, кривична и материјална одговорност;
- Документи за успех во средно образование, односно свидетелства од I до IV година;
- Документ за положена државна матура;
- Биографија на македонски јазик (CV Europass или друга слична форма);
- Есеј (најмногу до 500 збора) на тема: „Зошто Ви е потребна стипендијата и како ќе Ви помогне во избраната област на студии?“;
- Дипломи и потврди за освоени награди на меѓународни, државни, регионални и општински натпревари (освоени во последните три години);
- Препорака од наставник, директор или друго лице вклучено во претходното образование на кандидатот (незадолжително);
- Фотографија – во формат за лична карта или пасош (биометриски формат);
Други документи (доколку е потребно ќе бидат побарани).
ВАЖНО: Детални инструкции и појаснувања за потребната документација за аплицирање за стипендиите за талентирани студенти на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ за академската 2026/2027 година се достапни на платформата за E-scholarship, под наслов: ИНСТРУКЦИИ и ПОЈАСНУВАЊА за пополнување на апликацијата и барана документација (се наоѓаат во долниот лев агол кај самиот повик).
Морална одговорност на апликантите
* Сите кандидати, без разлика дали аплицираат за стипендиите од Дел I или Дел II, треба да покажат морална одговорност.
Стипендијата „Атанас Близнакоф“ е наменета за поддршка на студенти на кои финансиската помош навистина им е неопходна за продолжување на нивното образование. Во тој контекст, апликантите се повикуваат на високо ниво на лична и морална одговорност при поднесувањето на апликацијата. Иако официјалната документација (вклучително и податоците од Управата за јавни приходи) претставува основа за оценување, постојат ситуации во кои реалната финансиска состојба на семејството не е целосно рефлектирана во формалните податоци. Во такви случаи, ги охрабруваме апликантите искрено да се запрашаат дали средствата од стипендијата им се суштински потребни, имајќи предвид дека истата треба да стигне до оние студенти на кои им е најпотребна. Со ова се придонесува кон правичност, солидарност и одржливост на програмата.
Начин на аплицирање и доделување на стипендиите
* Сите кандидати, без разлика дали аплицираат за стипендиите од Дел I или Дел II, аплицираат на ист начин и на истиот линк.
Документите се доставуваат преку платформата за E-scholarships на Македонија2025. Апликацијата се пополнува електронски, со задолжително креирање на кориснички профил и прикачување на бараната документација на македонски јазик. Процесот на аплицирање и административната проверка се спроведуваат од страна на Фондацијата МК2025.
Преку следниот линк можете да дознаете како чекор по чекор да аплицирате за стипендијата.
Краен рок за аплицирање: 31 август 2026 година (до 23:59 часот).
Процес на селекција
Критериуми
- Материјална состојба на кандидатот (40 бода);
- Општината во која живее кандидатот (5 бода);
- Успех остварен во претходното (средно) образование (30 бода):
- Есеј (до 5 бода);
- Награди на меѓународни, државни, регионални и општински натпревари во последните три години. (10 бода);
- Интервју (до 10 бода);
- Препорака од наставник, директор и/или друго лице вклучено во претходното образование на кандидатот/кандидатката (незадолжително).
Начин на доделување на стипендии
По затворањето на Отворениот повик започнува процесот на административна проверка на документите за нивната валидност и точност. По административната проверка, платформата e-scholarships врши автоматско бодување за критериумите: материјална состојба на кандидатите, општина на живеење, успех остварен во претходното образование и освоени награди.
За критериумите есеј и интервју, Комисијата поединечно ги разгледува апликациите и доделува бодови на платформата, кои претставуваат просек од сите внесени бодови од страна на членовите на Комисијата.
Комисија за избор на стипендисти е составена од истакнати членови на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје и Македонија 2025 на начин и услови утврдени со Правилникот за доделување на стипендијата.
По внесувањето на сите податоци и бодови за сите критериуми, платформата генерира ранг-листа на кандидати според освоените бодови.
Кандидатите кои аплицирале за еден од факултетите наведени во Дел II ќе бидат издвоени од конечната ранг-листа, а овие 10 стипендии ќе им бидат доделени на највисоко рангираните кандидати од оваа категорија, сè до пополнување на бројот од 10 стипендии.
Доколку дел од кандидатите кои аплицирале за факултетите наведени во Дел II се веќе меѓу првите 40 највисоко рангирани кандидати во рамките на Дел I, тие ќе бидат соодветно издвоени како добитници на стипендиите од Дел II. Во тој случај, листата од 40 редовни стипендии ќе се надополни со следниот највисоко рангиран кандидат од општата ранг-листа, сè до целосно пополнување на бројот од 40 редовни стипендии.
На овој начин се обезбедува единствен, транспарентен и правичен процес на рангирање, со истовремено доделување на дополнителни 10 стипендии за кандидати кои се насочуваат кон студии во областите опфатени со овој Дел II.
Комисијата ја донесува конечната одлука за доделување на стипендиите. Правото на користење на стипендијата започнува откако кандидатот ќе достави потврда за редовен студент запишан во прва година на прв циклус студии на некој од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Сите кандидати ќе бидат известени за извршениот избор за доделување на стипендии најдоцна до крајот на октомври 2026 година по електронски пат. Списокот со избрани кандидати ќе биде објавен на официјалната веб страната и социјалните медиуми на Македонија 2025 и на останатите партнерски организации.
Услови, права и обврски за продолжување на стипендијата
* За сите кандидати, без разлика дали аплицираат за стипендиите од Дел I или Дел II, важат истите услови, права и обврски за продолжување на стипендијата.
Стипендијата ќе се продолжува годишно под следниве услови, начин и постапка:
- Корисникот на стипендијата е должен:
- Редовно да ги полага испитите и да доставува до Македонија 2025 Потврда за запишан последователен зимски семестар на почетокот на секоја академска година (заклучно со септемврискиот испитен рок) скенирана и прикачена на платформата E-scholarships;
- да има постигнат просечен успех од најмалку 7,00, од првата до тековно запишаната студиска година (се докажува со доставување на Потврда за положени испити заклучно со септемврискиот испитен рок);
- да има положено 80% од предвидените предмети (задолжителни, изборни и опциони) утврдени со студиската програма на факултетот (се докажува со доставување Образец УППИ или потврда за положени испити заклучно со септемврискиот испитен рок).
- Корисникот на стипендијата се обврзува дека:
- благовремено ќе ја извести Македонија 2025 за секоја промена што би настанала за време на студиите, од значење за редовно користење на стипендијата и спротивно на наведените услови;
- по добивање на средствата, на трансакциската сметка, да достави известување на e-mail.
- Корисникот на стипендијата е согласен:
- да учествува на состаноците и настани за вмрежување организирани во рамките на Програмата “Атанас Близнакоф” за студентска извонредност, а се однесуваат на академскиот и личниот развој на стипендистот. (Програмата за менторство со професионалци, Врсничко менторство, Програма за обуки итн.);
- да дава сведоштва за искуството, да одговара на прашалници и барања во врска со прибирање или ажурирање на податоците потребни за одржување и развој на платформата и програмата, или работата на Асоцијацијата на стипендисти;
- Корисникот на стипендијата го губи правото на стипендија ако:
- не постигне просечен успех од најмалку 7,00;
- не запише последователен зимски семестар на студии и не достави потврда за запишан зимски семестар или потврда за положени испити навремено;
- не положи 80% од предвидените предмети до тековната академска година;
- ги прекине или ги напушти студиите;
- зимскиот семестар го запишал по вторпат;
- дипломира;
- му мирува статусот на студент;
- добие стипендија или кредит од другиот давател повисока од 6.000 денари;
- неточно ги прикажал условите и документите важни за доделување и користење на стипендијата;
- по свое барање го откаже правото на користење на стипендијата.
- Правото на стипендија завршува заклучно со последниот редовно запишан семестар од предвиденото траење на студиската програма на факултетот (предвидениот број на семестри) на која е запишан корисникот на стипендијата.
НАПОМЕНА!
- Изјавата од кандидатот за морална, кривична и материјална одговорност може да се најде и преземе како PDF документ од левата страна на оваа веб-страница од платформата. Треба да се потпише, скенира и потоа да се прикачи на платформата.
- Доколку некој од родителите/старателите остварува приход во странство, кандидатот е должен да достави релевантен документ како доказ за приходот издаден од надлежна институција во матичната земја каде што се остварува тој приход. Доколку приходот е во странска валута, пресметката се врши во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на денот на издавање на документот;
- Доколку некој од другите членови на потесното семејство освен старателите (на пример: брат, сестра, баба или дедо) самостојно остварува приход, тој/таа се исклучува од вкупниот број членови на семејството;
- Доколку потврдата од УЈП покажува 0 приходи по сите основи, а родителот/старателот е невработено лице, задолжително се доставува потврда за невработеност издадена од Агенцијата за вработување на Република Македонија.
- Доколку потврдата издадена од Управата за јавни приходи (УЈП) покажува 0 (нула) приходи по основ на плата, а има приходи од самостојна дејност и имајќи предвид дека овој документ не содржи информација дали лицето е регистрирано како вршител на самостојна дејност и каква самостојна дејност – трговец поединец, адвокат, доктор со приватна здравствена установа или друг облик на економска активност – потребно е да се достави дополнителна потврда од соодветното правно лице со која се докажува дејноста што лицето ја извршува. Потврдата се доставува дополнително доколку администраторите увидат дека нема потврда за невработеност, а има дополнителни приходи од самостојна дејност.
- При пополнување на апликацијата, ве молиме детално прочитајте ги Инструкциите и појаснувањата за пополнување на апликацијата и потребните документи, како и Начинот, условите, правата и обврските за добивање и продолжување на стипендијата, прикажани на платформата, во Отворениот повик за објавување на стипендии Атанас Близнакоф 2026 прикачени на левата страна на веб-страницата како Документи за стипендијата.
ВАЖНО!
При пополнување на апликацијата, ве молиме детално прочитајте ги Инструкциите и препораките за пополнување на апликацијата, како и Начинот, условите, правата и обврските за добивање и пдолжување на стипендијата, прикажани на платформата, во Отворениот повик и прикачени на левата страна на веб-страницата како Документи за стипендијата.
Ги очекуваме Вашите апликации!
Related News
Strategic Partnership for Personal and Professional Development
Macedonia2025 has signed a Memorandum of Cooperation…
Discover MoreFourth Generation of Scholars! 43 New Students Awarded the “Atanas Bliznakoff” Student Excellence Scholarship
Forty-three first-year students at Ss. Cyril and Met…
Discover MoreOpen Call for Mentors: Support the Next Generation of Leaders
At Macedonia2025, we believe that talent grows faste…
Discover More