Интервју со Signori, македонски бренд со моден светски изглед

posted July 24, 2017

 

To read this article in English please click HERE

 

Signori, кои се вашите моментални активности и кој е вашиот статус во Македонија?

Оваа година со Signori правиме 4 години. Благодарни сме што и оваа година побарувачката за Signori расте, луѓето ги сонуваат нашите одела и целта им е кога прават свадба или имаат посебна пригода, да ги носат нашите одела. Нас ни е гордост што кај нас доаѓаат луѓе од целиот свет и се заинтересирани да ги носат Signori оделата. На самиот почеток кога започнавме со Signori не ни замислувавме дека нашите продукти можат да бидат сон за некого.

Сега почнавме соработка со Scabal и Loro PIana, светски брендови чии материјали ги користат најдобрите кројачи. Ова се луксузни и лимитирани материјали кои се произведуваат во Англија и Италија. Ние сме благодарни што можеме да ги користиме и нудиме на нашите клиенти. Долга беше процедурата за да ги добиеме лиценците со кои можеме да ги продаваме овие материјали. Моментално знаеме дека сме единствени во Македонија, а ретки се и на балканот. Нашите клиенти почнуваат да доаѓаат од секаде од странство – Ибица, Германија, Швајцарија, Австрија –постојано имаме луѓе кои доаѓаат специјално во Македонија за да си направат одела во Signori.

Моментално ја продолжуваме соработката со Кире Лазаров. Сега спремаме нова зимска колекција за него, каде што повторно база се овие ултра луксузни материјали. И самиот Лазаров кажува дека е многу среќен кога го носи нашиот бренд и дека се чувствува многу пријатно. Многу е убаво кога овие зборови се кажани од човек на вакво ниво. Исто така имаме соработка и со Горан Пандев кој го облекуваме за Супер Купот, настан каде нашиот бренд (лого) ќе биде виден од милиони гледачи. Пред некое време отворивме и своја фабрика, мини погон, каде веќе имаме околу 15 вработени, со што вкупно сме 20 лица.

Споредбено со 2016-та, колку сте проширени?

Па, мислам дека може да се каже двојно.

Со самиот раст се учат многу нови работи и има напредок . Ние го градиме Signori да биде светски бренд  од Македонија. Се обидуваме да го извадиме името Македонија што почесто на светските пазари, со што ќе покажеме дека од тука произлегува нешто квалитетно, ултра ексклузивно за луѓето што имаат вкус и сакаат да бидат посебни, различни од сите други.

Кога би разговарале за самите производи, сега произведуваме кошули, чевли, кожни модни додатоци, лептир машни – сите овие продукти се произведени тука, од наша страна. Од оваа година почнавме да произведуваме и шорцеви и фармерки. Исто така, за зимската колекција сега почнуваме да работиме повеќе и со крзно, со што клиентите би имале и повеќе опции за тоа какво крзно сакаат за својот капут.

Веќе планираме да почнеме и со “Татко и Син” колекцијата, што ќе биде доста актуелна и интересна за фамилијарни луѓе (family men), што сакаат да се појават на некој настан заедно со својот син.

За прв пат одржавме модно шоу во Косово, како дел од International Fashion Week, бидејќи имаме цел да се прошируваме и на тој пазар. Беше супер пласирано помеѓу луѓето беа присутни од цел свет –  поелитна група на луѓе кои можеа да бидат присутни само преку покана, а каде можевме да ги покажеме нашите нови креации, односно како мажот треба да изгледа во секојдневието. Не сакавме да биде стандардно модно шоу туку да покажеме што претставува Signori за вистинскиот господин, тој што сака и знае да се облече. Токму поради таа причина не биравме стандардни млади манекени, туку мажи кои веќе ги носат нашите одела, и нормално кои можат да изгледаат богато и луксузно во истите.

Дали можеби имате некакви планови за регионално проширување?

Најпрво се проширивме во Кембриџ, потоа Белград, а еве сега се стремиме и кон Косово. Здравје Боже, за некое време би сакале да продолжиме и со онлајн продажба. Тоа сега ни е огромна цел, за да може да ја достигнеме побарувачката која доаѓа преку социјалните мрежи. На Инстаграм и Фејсбук сме преплавени со барања, но ние не можеме во моментов да направиме ништо за тоа бидејќи работиме по мерка, со што и самиот клиент мора да биде присутен. Тие што можат да си дозволат да доаѓаат во Македонија, доаѓаат кај нас, прават облека по мерка, плус имаат можност за прошетка низ Македонија. Од една страна си поминуваат убаво, а од друга пак гледаат дека целото искуство вреди исто како и продуктите од странскиот пазар, но барем уживаат во целосниот концепт. Имаме експресна линија каде оделото го изработуваме во рок од 3-4 дена, така што во овој период тие имаат краток одмор, имаат можност да ја посетат Македонија и секако ја добиваат облеката која ја сакаат. Имаме исто така и клиенти – младоженци, кои доаѓаат во група и сакаат да ги носат нашите одела​.

Доброто нешто е што имаме побарувачка. Сега само сакаме да го усовршиме целиот процес на производство, да го прошириме, се со цел да му овозможиме на секој да може да си нарача одело. Ќе имаме M to M (Made to Measure/Ready to Go) за секој купувач кој ќе каже “еве го сакам ова одело” да може да го добие. Имаме големи бенефиции што сме во Македонија, посебно околу извозот, а и добро што нешто излегува од Македонија и пишува Made in Macedonia. Можеме да кажеме дека сме горди на тоа.

 

Дали тоа значи дека со помош на вашата веб страна, идните клиенти ќе можат да си внесат свои мерки, со што процесот на директно мерење од ваша страна би било намалено?

Да, тие ќе имаат личен профил на самата веб страна, со целосни податоци, почнувајќи од име и презиме, година на раѓање, па се до информации за тоа како да се измерат и да ги добијат своите прави мерки. Ќе има детални чекор-по-чекор видеа со кои клиентите ќе имаат можност да се измерат дома, а со тоа ние ќе имаме увид каква им е мерката, за ние да можеме да им направиме одело. Плус ќе нудиме посебна програма каде ќе дадеме посебен попуст за првите клиенти кои ќе можат да одат и на кројач, а тоа да им биде вклучено во самата цена.

Исто така имаме и нова кампања од оваа година, “Gentlemen’s Club”. Целта ни е да ги анимираме клиентите кои ни се лојални, за да имаат некое место каде ќе можат да се облечат во Signori. Убаво е што сите се млади и успешни бизнисмени, а се разбира има и некои постари, со кои може да размениме мислења и да се има одредено вмрежување. Тоа е како едно ново движење што го направивме во Скопје, и мислам дека супер функционира.

 

Дали ги увезувате сите материјали или пак има одредени материјали кои се користат од тука?

Да, се е увезено. Секој материјал, посебно од ексклузивните, како што се Scabal, се нарачуваат специјално за тој клиент. Никогаш не земаме во поголема количина, затоа што сепак и самите материјали се доста скапи. Добро е што имаме многу клиенти од македонскиот пазар кои го уживаат тој луксиз, го сакаат, и се колекционери на вакви работи. Овие одела се повеќе за луѓе кои имаат веќе 20 одела дома, и ги носат секој ден, на некој начин дури и им се како тренерки.

Дали има потенцијал за производство на вакви материјали во Македонија?

Порано имало, но сега веќе мислам дека не може да се достигне тој квалитет, зашто сепак и волната и кашмирот што се користат се посебни и помеки. Нашата волна е поостра, па за да се  работи со вакви материјали најпрво ќе треба да се увезуваат, а дури потоа да се преработуваат. Имаат доста специфични материјали – како на пример свила од лотус цвеќе, што е доста уникатно. Имаат исто така и водоотпорвни материјали на кои што може слободно да се испрска вода по нив и материјалите нема да пропуштаат.

 

Која е разликата помеѓу обичен костум и Signori костум?

Разликата е навистина огромна. Еве да ви дадам пример. Ако одите во продавница и сте заинтересирани да купите темно син костум, по самото пробување ќе може да забележите дека оделото или ви е широко во горниот дел и тесено во долниот дел. Со сигурност ќе има нешто што нема да ви одговара, а дизајнот нема да ви биде ништо посебен затоа што и можеби самото ваше знаење за костуми е лимитирано. 90% од мажите не ги носат своите одела секојдневно. Ќе видите слика на Инстаграм на која ќе видите супер одело кое би сакале да го имате, но кога ќе одите во продавница ќе наидете на нешто што не сте го замислувале – нема да биде “slim fit”, нема да биде струкирано, во рамењата е можно да биде пошироко, должината ќе биде различна и сл. И сега би ви било нелогично да одите на кројач ако платите некој поскап бренд, за некој да ви го отпара вашето сако, па да го струкира, а не знаете како би изгледал финалниот продукт.

 

back