Заврши Летното бизнис патување за млади професионалци од дијаспората

posted July 24, 2017

For the English version of this article please click HERE

Летното бизнис патување има за цел да им овозможи на младите професионалци со македонско потекло повторно да се поврзат со своите корени и да откријат можности за соработка со Македонија. Покрај тоа, програмата на долг рок цели кон мотивирање на македонската дијаспора да ги разгледа потенцијалите за отворање бизнис или инвестирање во земјава. Оваа година можноста да се биде дел од ваква програма добија четворица исклучително посветени индивидуи од Италија, Србија, Германија и Австралија.

Неофицијално, програмата започна со посета на Матка и Македонско село, додека официјалното отворање беше вопросториите на "Алкалоид А.Д Скопје”, каде г-динот Живко Мукаетов, кој е и претседавач на програмата, им посака добредојде на учесниците. По турата низ фабриката на Алкалоид како и нивниот оддел за истражување и развој, учесниците подобро се запознаа со работата на овој европски гигант и добија увид како функционираат различните оддели. Потоа учесниците започнаа со еднонеделната пракса во компанијата која беше однапред дефинирана според нивниот интерес.

Покрај стажирањето, организирани беа повеќе настани со цел овие млади луѓе да се запознаат со клучни бизнис претставници од земјава. Како најголем се издвојува настанот за вмрежување кој се одржа на 19ти јули во ресторан Сенигалиа, покрај кејот на Вардар. На настанот беа присутни околу 70-тина гости кои имаа прилика да ги слушнат импресиите на учесниците како и членовите на одборот на директори на МК2025, г-динот Мукаетов и г-динот Зоран Мартиновски. На настанот се обратија и Билјана Маркович Стаменова, директорка на МК2025 и Амбасадорот на Канада за Србија, Македонија и Црна Гора, Неговата Екселенција Филип Пинингтон кој ја истакна желбата за младите во Македонија да не се откажат од можноста за успех во својата родна земја која нуди огромен потенцијал. На тоа додаде дека иако Македонија се соочува со бројни предизвици, со труд, посветеност и упорност, може многу да се постигне.

Уште едно интересно патување кое беше реализирано во склоп на програмата беше посетата на античкиот град Стоби како и турата низ винаријата “Тиквеш”, каде учесниците заедно со своите ментори и тимот на МК2025 имаа прилика да пробаат традиционални и автентични македонски специјалитети како и да дегустираат од нашето најквалитетно македонско вино.

Кристофер Костов и Јована Павлович за нивното искуство кажаа:

Крис: “Беше прекрасно искуство каде научив многу нешта.Навистина вреди да се биде дел од оваа програма. “Helping build a stronger nation” е визија кон која дефинитивно сакам да придонесам и затоа одлучив да бидам дел од Летното бизнис патување. Мислам дека Македонија е преубава земја и дека луѓето треба да инвестираат во неа. Исто така треба да почнат повеќе да ја ценат Македонија затоа што навистина има што да понуди.”

Јована: “Слушнав за програмата и за самата организација Македонија2025 и многу ми се допадна работата која ја прават, па затоа одлучив да се приклучам кон програмата. Бидејќи студирам медицина, ја избрав Алкалоид А.Д Скопје за компанија каде ќе ја реализирам својата пракса. Бев сместена во секторот за медицински маркетинг, и можам да кажам дека беше едно прекрасно искуство. Се запознав со многу интересни луѓе и научив многу работи за бизнис развојот во Македонија. Сакам да им се заблагодарам на Македонија2025 како и на Алкалоид што ми ја дадоа оваа уникатна можност.”

Од Македонија 2025 велат дека се горди на исходот на програмата и целат кон уште поголем број на учесници во наредните изданија.

back