Во следните години Музејот на илузии ќе постане една од најпрепознатливите туристички атракции во Скопје

posted July 10, 2018

  „Илузиум“ со повеќе од пет илјади посети во текот на изминатиот месец

Музејот на илузии „Илузиум“ е новоотворениот музејски простор во самиот центар на Скопје. На површина од околу 500 квадратни метри, сместен на три ката, претставува еден поинаков свет за сите љубители на фантазијата и илузијата.

„Личното задоволство, профитабилноста, потребата нешто да се понуди на градот и позитивниот пример за инвестирање во земјата се главната причина за отпочнување на еден ваков проект.“изјави Кирил Савовски, основачот на „Илузиум“.

Музејот на илузии претставува еден голем чекор кон менување на менталитетот на граѓаните. Луѓето беа жедни за нешто вакво. Скопје заслужи и му беше потребна инвестиција од ваков тип. Новите генерации се поотворени за вакви работи, а возрасните тоа го прифаќаат.

„Изминатиов месец имавме околу пет илјади посетители. Најчесто доаѓаат деца, фамилии, тимови и слично. Сите излегуваат среќни, возбудени и воодушевени. Убеден сум дека во следните години Музејот на илузии ќе постане една од најпрепознатливите туристички атракции во Скопје. Секако, имаме уште нови идеи и поставките ќе се менуваат.“ – додава Савовски.

Како член на мрежата на Македонија2025, за него ова е само првиот чекор од еден нов инвестициски циклус, кој ќе претставува позитивен показател за бизнис-климата, но и мотив за другите што живеат надвор од Македонија да инвестираат во родниот крај. Македонија2025 е приказна каде луѓето заеднички остваруваат визии со стремеж за достигнување на една повисока цел односно помагање во градењето на посилна нација, вели Савовски. Тој е веќе подготвен да го стартува својот нов проект набрзо, а во меѓувреме сака да креира, да остави нешто зад себе и да ги инспирира другите да делуваат.

Музејот на илузии се наоѓа на улица Максим Горки бр. 10 - Скопје, спроти Швајцарска Амбасада. „Илузиум” работи секој работен ден од 8 до 20 часот, а за време на викендите од 9 до 20 часот.  Слични вакви музеи има во Сеул, Москва, Сингапур, Барселона, Виена, Загреб, Љубљана, Вилниус, Единбург и други светски метрополи.

back