Неповтроливо практикантско искуство во BOSCH – Crailsheim за двајца македонски студенти

posted June 13, 2018

BOSCH е една од водечките индустриски компании за технолошки развој, напредок и иновации, која нуди можности за усовршување на вештините преку практикнатска работа, од која дел се и двајца млади студенти од Македонија – Гоце Киселоски и Ивана Конеска.

Гоце Киселоски, еден од избраните практиканти, вели дека шансата за практикантско искуство во BOSCH - Германија е навистина една од најдобрите можности за развој на неговата кариера. Градот Crailsheim во близина на кој е сместена фабриката и во кој што тој има можност да престојува, претставува спој на историските и културните вредности во покраината Baden Wüttenberg.

„Во одделот за управување на производство каде што јас ги извршувам моите обврски, имам прилика да се запознаам и да увидам како функционираат процесите на контрола на производство, комуникацијата со доставувачите и проверката на квалитетот на деловите. Исто така како дел од мојата практикантската работа посетувам индустриски капацитети надвор од Германија кои работат за BOSCH и бев во контрола на продуктите од истите. Преку различните фази на учење, комуникацијата и постојаната употреба на германскиот јазик како средство за комуникација успеав да се надоградам самиот себе.“изјави Гоце.

Ивана Конеска, која исто така се здоби со можноста за пракса во оваа реномирана компанија посочи дека нејзините очекувања од работната околина се надминати, бидејќи германската професионалност (која ја очекувала) била надополнета со енергичност и ентузијазам кон неа како студент од друга култура, како и разбирање и отвореност кон сите нејзини интереси, прашања и грижи.

„Практичното искуство секогаш беше фокус на моето професионално надоградување, па можноста да го надоградам истото во компанија како BOSCH претставува огромно задоволство и „отскочна даска” за мојата понатамошна кариера. Можноста да се работи во светски гигант, да се учи од најиновативните, а притоа да се престојува во град како Crailsheim ги прави овие 6 месеци едно прекрасно и неповторливо искуство. Компанијата секојдневно ми нуди нови знаења, усовршување на оние кои ги имам и оформување на професионалниот карактер, а притоа не е изоставен простор и време за мое лично изразување. “потенцираше Ивана.

Покрај професионалното задоволството, исполнетоста која ја чувствува Ивана од ова искуство е комплетирана од страна на малиот германски град во кој престојува - град лоциран помеѓу километри од зелена рамница, околина која поштедува од стресот на урбаната средина и која нуди многу можности за активности во природа.

Доколку и вие сакате да бидете дел од вакво искуство, следете ги отворените повици за пракса на Македонија2025!

back