Размислувања за предложеното воведување на прогресивен персонален данок на доход

posted April 12, 2018

Владиниот предлог за прогресивен персонален данок на доход, може да му наштети на растот и не е најдобар одговор за нееднаквоста во приходите.

Владата е повикана повторно да воведе прогресивен персонален данок на доход. Македонија2025 анкетираше некои клучни странски приватни компании за оваа промена. Компаниите се многу загрижени за негативното влијание на прогресивниот данок врз нивните компании и врз Македонија. Во оваа статија ги разгледуваме нивните грижи, како и предностите на рамен данок за Македонија. Исто така, се осврнуваме на некои од аргументите кои се користат во прилог на прогресивниот данок: нееднаквост во приходите и ниското ниво на оданочување во Македонија: Македонија не е ниту најнеправедна ниту пак е земја со најниска даночна стапка. Без оглед на тоа, неправичноста најдобро се решава со зголемување на БДП и работни места во индустрии во развој со високи плати. Прогресивниот данок само би ги казнувал ваквите индустрии.



Вовед

Враќањето на политичката стабилност и помага на земјата да се врати во бизнисот. Сепак, многу бизниси кои страдаат поради политичката нестабилност, се загрижени заради некои предложени промени во политиката. Тие стравуваат дека некои од клучните предности поради кои тие инвестирале во Македонија стануваат неповолни. Тие се особено загрижени за воведувањето на прогресивен персонален данок на доход и неконзистентни одлуки за тоа дали БПА (Бизнис Процес Аутсорсинг) подлегнува на ДДВ. Разговаравме со многу странски компании и, исто така, спроведовме анкета; овде ви ги презентираме нивните забелешки. Дванаесетте испитаници доаѓаат од различни сектори како ИТ, БПА, производство и финансиски услуги.



Странски инвеститори ѝ помагаат на Македонија

Додека странските приватни компании инвестираат во Македонија заради профитабилни причини, нивната економска активност во земјава има несомнен позитивен ефект врз македонската економија. Нивното инвестирање во работници, набавки, опрема, градежништво итн. во Македонија се всушност приход за македонските граѓани и домаќинства и за македонските фирми. Владата, исто така, има корист од дополнителниот данок на компаниите, како и од персоналниот данок на доход и социјалните придонеси од работниците кои доаѓаат од странските компании. Успесите на странските инвеститори се сплотени со успехот на Македонија! Понатаму, странските компании, исто така, носат ново размислување и технологија во Македонија што помага да се создадат нови и модерни индустрии, како што се ИТ-индустријата и БПА-индустријата. Тие ги надградуваат вештините на македонските работници и ѝ помагаат на земјата да го достигне својот потенцијален БДП. Тие ја трансформираат македонската економија и ќе обезбедат многу идни работни места за младите луѓе во Македонија, со што ќе ѝ помогнат на земјата подобро да го искористи едниот од своите главни ресурси: човечкиот капитал.



Придобивките од рамниот данокот на доход

Пропорционалните даноци на доход се усвојуваат бидејќи помагаат да се привлечат СДИ (странски директни инвестиции) и затоа што нивната едноставност помага да се зголеми даночната усогласеност, а со тоа и приходите. Во моментов, повеќе од 20 земји имаат рамен данок на доход, вклучувајќи ги: Белорусија, Босна, Бугарија, Естонија, Грузија, Унгарија, Латвија, Литванија, Романија, Русија и Украина. Овие земји генерално не се сметаат за даночен рај.

Воведувањето на рамниот данок на доход во Македонија во 2007 година помогна во привлекувањето на СДИ. Просечната годишна вредност на приливите од странски директни инвестиции во последниве 10 години, по воведувањето на рамниот данок е 97 отсто поголема од просечната вредност на СДИ за 10 години пред воведувањето на рамниот данок – видете подолу графикон 2 [1]. Позитивното влијание на рамниот данок во привлекувањето на СДИ, исто така, беше анегдотски потврдено од странските компании со кои разговаравме.

Воведувањето на рамниот данок го поедностави даночниот систем и резултираше со зголемена даночна усогласеност. Во 2008 година, бројот на доброволните и службените даночни пријави за персонален данок на доход поднесени од страна на граѓаните се зголеми за 520 отсто (од 19.447 на 120.396) [2]. Покрај тоа, приходите од персонален данок на доход се зголемија и покрај падот на даночната стапка. Не може да се оспори фактот дека намалените даночни стапки и воведувањето на рамниот данок ја зголемија усогласеноста и ја намалија неформалната економија. Со оглед на релативно високата неформалност, последново е особено важно во земјава.

 

 

Што ќе се случи ако се воведе прогресивен данок на доход?

Покрај тоа што ќе се изгубат придобивките од рамниот данок, како што е опишано погоре, воведувањето прогресивен данок би имало и други негативни ефекти. Од нашето анкетирање на странски компании и членови на организацијата, испитаниците посочија дека доколку се воведе прогресивен данок на доход:
 

            ‒ Тие, најверојатно, ќе го намалат бројот на вработени – одговорено од 100 отсто од испитаниците;
            ‒ Веројатно ќе ја намалат идната инвестиција во Македонија – изјавено од 88 отсто од испитаниците;
            ‒ Новите компании, најверојатно, ќе бидат одвратени од идејата за инвестирање во Македонија - 100 отсто;
            ‒ Веројатно ќе има зголемување на неформалното вработување (зголемување на сивата економија) - 100 отсто;
            ‒ Компаниите ќе имаат потешкотии да ги привлечат и да ги задржат врвните вработени во Македонија (одлив на мозоци) - 75 отсто.

Ако овие сценарија се покажат како вистинити, тогаш и БДП и даночните приходи би можеле да бидат пониски од она што би биле доколку остане рамниот данок на доход.

 


Дали на Македонија навистина ѝ е потребен прогресивен данок на доход?

Оние поединци кои се залагаат за прогресивен данок на доход, тврдат дека тоа ќе ја подобри нееднаквоста во приходите во Македонија и дека даночните приходи во Македонија се премногу ниски. Ниту еден од овие аргументи не е убедлив.

Македонската распределба на приходите (Џиниев коефициент од 38,5) е всушност порамномерна од земјите како САД (41), Русија (40,9), Турција (40,2) и е многу слична со земји како Бугарија (36,6), Шпанија (36,2), Португалија (36,2) и Грција (36,1) [3]. Нееднаквоста во приходите може и треба да се подобри, но Македонија во никој случај не е на дното. Според официјалните статистички податоци објавени од Државниот завод за статистика (користејќи ја методологијата на Евростат), нееднаквоста во приходите се подобрува со Џиниевиот коефициент, кој се намалува од 40,6% во 2010 година на 33,6% во 2016 година (со умерено, но континуирано намалување во тие години) .

 

Без оглед на тоа колку, некои веруваат дека Македонија е нерамномерна во приходите, прогресивен даночен систем на доход не е најефикасен начин за решавање на нееднаквоста. Навистина, земјата до 2007 година имаше прогресивен даночен систем, но Џиниевиот коефициент беше повисок од денес. Македонија треба да се стреми да ги поттикне и привлече индустриите со висока продуктивност кои плаќаат високи плати, на пр. ИТ и БПА. Овие индустрии не треба да бидат казнувани поради нивниот успех. Одговорот на еднаквоста во приходот не е повеќе даноци, туку повеќе работни места и повисоки плати. Стапката на невработеност во Македонија, која изнесува 22,4 отсто (2017), останува висока според светските стандарди. Треба да се охрабруваат растечките и современи индустрии.

Нееднаквоста во приходите, исто така, ќе биде подобро решена преку подобрување на ефикасноста на тековните социјални трошоци. Зголемувањето на социјалните трошоци не е секогаш одговорот. Често, поголемите трошоци може едноставно да значат повеќе загуби и неефикасност. Планираната реформа од страна на Владата и воведувањето гарантиран минимален приход може да помогне во намалувањето на нееднаквоста и сиромаштијата.

Еден ефективен метод за решавање на нееднаквоста во приходите во даночниот систем е да се редизајнира персоналното даночно ослободување. Додека во Македонија ова ослободување е универзално, односно за секој поединец, постојат системи во кои даночното ослободување зависи од индивидуалните и од домашните карактеристики. На пример, даночното ослободување може да биде повисоко кај возрасните со деца итн. Иако ова е возможна опција која може да биде ефикасна во намалувањето на сиромаштијата и нееднаквоста, мораме да констатираме дека додавањето на таква сложеност кон системот може да создаде конфузија, ненамерна евазија на данок и поголема неформалност.

Оние кои веруваат дека Македонија претставува Балкански Кајмански Острови, грешат. Иако постојат многу земји со повисоки даноци од Македонија, даночните приходи во Македонија како процент од БДП (16 проценти) се подобри од просекот за членовите на ОЕСР (15 проценти) и е сличен на просекот за Европската унија (20 проценти) - видете ја табелата подолу [4]. Македонија може да одбере да оданочува како скандинавска земја, но важно е да се напомене дека Македонија веќе оданочува релативно повеќе од САД и Германија, додека на своите граѓани им нуди помалку (квалитетни) услуги. Зголемувањето на БДП ќе ги зголеми даночните приходи без зголемување на даноците.

 

 

Заклучок

Да сумираме, рамен данок на доход помогна во зголемувањето на СДИ и даночната усогласеност во Македонија. Воведувањето на прогресивен данок на доход ќе ги намали овие придобивки и ќе ја зголеми можноста за намалување на вработеноста, како и зголемување на „одливот на мозоци” и неформалната економија. Некои поединци тврдат дека е потребен прогресивен данок за да се реши нееднаквоста во приходите и затоа што даноците во Македонија се премногу ниски. Меѓутоа, меѓународните споредби покажуваат дека Македонија не е ниту даночен рај, а не е ниту на дното во однос на нееднаквоста во приходите. Нееднаквоста во приходите би можела најдобро да се подобри со зголемување на економијата и намалување на невработеноста. Особено треба да се охрабруваат индустриите со висок раст и високи плати, како ИТ и БПА. Воведувањето на прогресивен данок на доход ќе делува како кочница на овие индустрии. Одржувањето на сегашната едноставност на системот е, исто така, од клучно значење.

 

 

[1] Светска банка, Индикатори за светски развој, Странски директни инвестиции, нето-приливи (БнП, валута US$).

[2] Управа за јавни приходи на Македонија (УЈП) Годишен извештај за 2008 година, стр24.

[3] Светска банка, Индикатори за светски развој, Џиниевиот коефициент, 2013. 2013 беше одбрана бидејќи имаше поголем број пријавени земји од последните години.

[4] Светска банка, Индикатори за светски развој, вкупни даночни приходи како процент од БДП. 2012 беше избрана бидејќи имаше поголем број пријавени земји од последните години.

back